Сеопфатен одбранбен модел кој ги вклучува јавниот и приватниот сектор, невладините организации, владата, домаќинствата и војската привлекува внимание како потенцијален модел за другите земји.
Додека Европа дебатира како да ја зајакне својата одбрана во услови на растечки закани, од повреди на воздушниот простор до ескалацијата на војната во Украина, Финска се издвојува како пример за земја која поминала децении градејќи отпорен одбранбен систем. Нејзиниот сеопфатен одбранбен модел, кој ги вклучува јавниот и приватниот сектор, невладините организации, владата, домаќинствата и војската, привлекува внимание како потенцијален модел за другите земји. Имено Финска развила систем кој гарантира дека виталните државни функции можат да функционираат дури и во најтешки услови. „Нашата национална одбрана и способноста да сами дејствуваме во сите околности е нашата алатка број еден“, изјави финскиот министер за одбрана Анти Хаканен за „Euronews“ за време на тркалезната маса во Хелсинки.
Овој пристап е обликуван од историјата – советската инвазија од 1939 година, кога Финска изгуби дел од територијата, но никогаш не била целосно освоена, оставила длабока трага. Границата со Русија, долга 1.350 километри, е најдолгата на територијата на НАТО, што дополнително ја нагласува важноста на финската подготвеност. Еден од клучните столбови на финскиот систем е задолжителната воена служба. Сите мажи на возраст од 18 години мора да служат 165, 255 или 347 дена, во зависност од нивната улога, додека жените можат да волонтираат. За разлика од повеќето европски земји, Финска никогаш не ја суспендирала регрутацијата во мирно време. Воените експерти велат дека оваа практика е клучна за всадување одбранбена свест кај младите луѓе.
Во воениот гарнизон Сантахамина, регрутите Вајринен и Холмстром, кои одлучиле да останат анонимни, ја изразиле својата подготвеност да ја бранат земјата. „Доколку дојде до нова војна, би размислил за вклучување, особено ако тоа би помогнало да се зачува мирот во Финска и другите земји-членки на НАТО“, рече Вајринен. „Доколку бидам повикан во мисија што е од корист за мирот во Европа, би отишол“, додаде Холмстром. Двајцата мажи, исто така, изразиле потенцијална подготвеност да се приклучат на мисиите во Украина како дел од „коалицијата на волните“, група од 33 земји што ја поддржуваат Украина против руската агресија.
Финска се подготвува за најлошите сценарија. Земјата има мрежа од над 50.000 подземни засолништа што можат да го сместат целото население од 5,6 милиони. Во Хелсинки, град со околу 700.000 жители, се обезбедени засолништа за 900.000 луѓе. Засолништата се наоѓаат на различни локации, од деловни и трговски центри до станбени области и метро системи.
„Имавме идеја дека мора да ги заштитиме нашите граѓани. Тоа е во нашата ДНК“, рече Томи Раск, инструктор за цивилна одбрана во засолништето Мерихака во центарот на Хелсинки. Домаќинствата играат клучна улога во финскиот систем. Секое домаќинство мора да има резерви на храна, гориво и вода за 72 часа, што им овозможува на властите да се фокусираат на ранливите групи и брзо да реагираат на заканите. „Овој рок од 72 часа овозможува приоритетна помош и им дава време на агенциите да истражат“, објасни Раск.
Невладината организација „Марта“ помага во градењето на општествената отпорност преку едукација на граѓаните за подготвеност за кризи. „Ние им помагаме на луѓето да се грижат за своите домаќинства за да можат да ги преживеат првите три дена од кризата“, рече Тери Линдквист од „Марта“. Оваа иницијатива не само што ја зајакнува индивидуалната подготвеност, туку гради и колективна отпорност. Финскиот модел, кој ги комбинира воената подготвеност, цивилната заштита и општествената одговорност, нуди вредни лекции за земјите што сакаат да ја зајакнат својата безбедност во неизвесни времиња.