Од недела кога ќе почне да се применува новиот Систем за влез/излез на надворешните граници на 29 земји-членки на Европската Унија, во Бугарија преку копнените граници ќе се влегува како и до сега, без собирање на биометриските податоци на патниците од земји, кои не се членки на ЕУ (фотографија и отпечатоци од прсти).
Исклучок од ова е граничниот премин Калотина на границата со Србија. На останатите гранични премини – од наша страна Ново Село, Делчево и Крива Паланка, системот ќе се спроведува во фази во период од 180 дена – од 12 октомври 2025 година до 9 април 2026 година.
Како што инфомираат од Министерството за внатрешни работи на Бугарија, од недела системот се воведува на аеродромите во Софија, Бургас, Варна, Пловдив, и на аеродромот Горна Орјаховица. Исто така, биометриските податоци ќе се собираат и на морските граници.
Како што до сега повеќепати е информирано, EES ќе ги евидентира податоците за државјани кои не се членки на ЕУ и патуваат за краткорочен престој (не повеќе од 90 дена во кој било период од 180 дена) при преминување на надворешните граници на земјите-членки.
Земјите-членки ќе воведат различни елементи на EES во фази, вклучително и собирање биометриски податоци.
„Системот е предвидено да се воведе на 06.01.2026 година на преостанатите гранични премини на Република Бугарија – на граничниот премин Капитан Андреево, граничниот премин Гуешево, граничниот премин Малко Трново, граничниот премин Лесово, граничниот премин Станке Лисичково, граничниот премин Златарево, граничниот премин Врашка Чука, граничниот премин Брегово, граничниот премин Стрезимировци и граничниот премин Олтоманци, соопштио МВР на Бугарија.