Една фотографија од Нигерија, настаната пред речиси десет години, а и натаму предизвикува моќни емоции ширум светот.
На неа има момче, кое е изгладнето и слабо, пие вода од шише додека одвај стои на нозете.
Родителите го отфрлиле, прогласувајќи го за вештер – верувале дека е опседнат со злото. Иако сѐ укажувало на трагичен крај, неговата приказна се претворила во симбол за сила и надеж.
Фотографија која го освои светот
Момчето во 2016 година го пронашле волонтери од хуманитарната организација „Land of Hope“, лутало на улиците во Нигерија, голо и речиси без живот во себе. Тежело одвај три килограми, а во рацете носело искината кукла – својата единствена играчка.
Фотографијата на која волонтерката му дава шише со вода станала вирална. Таа ја претставува суровоста на суеверието и стравот кои можат да влијаат на детството. Докторите тогаш не верувале дека детето ќе преживее.
„Мирисал на смрт“
Волонтерката Ања Рингер Ловенкоја тогаш му го спасила животот и денес се сеќава на тој момент.
„Кога го видовме, мирисаше на смрт. Бев сигурна дека ќе ми почине на рацете. Но, некако се бореше и победи“.
Момчето на кое му го дале името Хоуп (надеж), три месеци поминало во болница, борејќи се со бројни инфекции. Со медицинска нега и голема љубов која ја добило, успеало да закрепне.
Од заборавено дете до „мал Пикасо“
Денес, скоро десет години подоцна Хоуп има 12 години. Иако е глув, комуницира низ пишување и цртежи. Неговите учители од мали го нарекуваат „малиот Пикасо“ поради изразениот уметнички талент. Тој сонува да стане сликар и секој ден напредува во тоа.
„Тој сега е независен, моќен и паметен, опкружен со пријателите. Кога заврши основно училиште беше горд, а и ние“, вели Ања која сега му станала мајка и сигурна зона.
Мрачната страна на традицијата
За жал Хоуп не е единствен. Во многу делови од светот, особено во заедниците каде доминираат суеверието, децата со инвалидитет, епилепсија или аутизам често се прогласувани за „опседнати од злото“.
Во Велика Британија само минатата година над 2.100 деца биле идентификувани како потенцијални жртви на злоставувања поврзани со верување во црни магии.
Експертите предупредуваат дека реалниот број веројатно е многу поголем затоа што ваквите случаи често се скриени и тешко се откриваат.