Филипче: Време е за промени во Брвеница со Светлана Митреска Анџелскоска

Точка

10/10/2025

19:22

137

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, денес на граѓанската трибина во Брвеница, нагласи дека овие избори се одлучувачки за иднината на општината и за начинот на водење на локалната власт, повикувајќи на обединување околу планот и програмата на кандидатката за градоначалник на СДСМ, Светлана Митреска Анџелскоска.

„Визијата за Брвеница која Светлана Митреска Анџелскоска сака да ја реализира е општина што ќе биде сервис на граѓаните, место каде младите ќе остануваат и ќе имаат шанса за развој, каде семејствата ќе се чувствуваат сигурно, а пензионерите достоинствено. Но оваа визија не може да се оствари без обединета сила на граѓаните, без глас што бара промена и чесност. Сега потребен глас за иднината на Брвеница“, порача д-р Филипче.


Тој изрази разочараност од четиригодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница и нагласи дека најважните и клучни проекти за граѓаните од Брвеница не ги реализирал актуелниот градоначалник и дека непосредно пред кампањата почнал да ги раскопува улиците.

„Ова не е локална власт што работи за граѓаните. Недовршена канализациска мрежа во сите населени места, улици ветени, а недоизградени. Ветувања за клучка кон автопатот, полициска станица, проширување на детската градинка, мини спортски полигони за пензионери – ништо од тоа не е реализирано. Брвеница остана со празни ветувања. Граѓаните гледаат дека локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ се фали со проекти што не ги направила и се обидуваат пред избори да замачкаат очи дека нешто се работи. Ова е слика на локална власт која мисли на себе и партијата, а не на народот“, истакна д-р Филипче.

Филипче нагласи дека се што досега е вистински вложувано во Брвеница е направено од СДСМ, која секокгаш била на страната на граѓаните и со граѓаните, што го докажа на дело во времето на светски кризи, кога никој не беше оставен сам да се справува со предизвиците.

„Сè што функционира денес во општината е благодарение на проектите обезбедени и поддржани од Владата на СДСМ. Инфраструктурни проекти, водовод и канализација, проекти во образованието и подобрување на јавните услуги сето тоа е резултат на грижата и посветеноста која СДСМ ја има кон граѓаните и секое населено место. И затоа на овие избори, единствено СДСМ нуди реални програми и чесни луѓе кои знаат да работат за граѓаните, а не за тесни партиски интереси“, рече тој.



Лидерот на СДСМ порача дека Брвеница треба да биде општина што функционира, каде институциите се сервис на граѓаните, а не продолжена рака на партијата, со апел до присутните дека за тоа е потребно единство и обединување на сите околу вистинските вредности кои општината ќе ја развиваат.

„Секој што ја сака Брвеница, секој што сака современа, чесна и просперитетна општина, денес треба да се приклучи во ‘Борба за нашиот дом’. Овие избори се многу повеќе од избор на градоначалник и советници – тие се избор меѓу два концепта: чесна работа и визија или празни ветувања, застој и партиски калкулации. Секој глас е важен, секој глас може да ја врати надежта и да ја осигура иднината на Брвеница“, нагласи Филипче.

Тој ги увери граѓаните дека со поддршка на Светлана Митреска Анџелскоска и советничката листа на СДСМ предводена од Јовица Радески, Брвеница ќе добие локална власт што работи за граѓаните, ќе создаде услови за развој на младите и семејствата, ќе обезбеди достоинствен живот за пензионерите и ќе ги реализира капиталните проекти што се клучни за иднината на општината.

„Светлана Митреска Анџелскоска и советничката листа на СДСМ се луѓе што нема да ве изневерат. Тие нема да заборават утредента по изборите на проблемите на граѓаните, туку ќе работат чесно, одговорно и посветено. Патриотизмот не е во големи зборови, туку во дела што ги градат заедницата, во посветеност на младите, пензионерите и секој граѓанин. Ова е нашата борба, ова е нашиот пат“, заклучи д-р Филипче.

Клучните капитални проекти кои Светлана Митреска Анџелскоска која ги најави пред пристутните на денешната граѓанска трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом” во општина Брвеница, се пречистителна станица, изградба на Дом на културата и Дом за стари лица, проекти што ќе ја трансформираат Брвеница и ќе создадат услови за достоинствен живот. Освен капиталните проекти, нејзината визија предвидува системски промени во општината: зголемување на капацитетите на детската градинка, создавање простор за рекреативни и едукативни активности за младите, поддршка на младите брачни парови и семејствата со мали деца, мотивирање на жените да започнат сопствен бизнис, како и активно вклучување на младите во креирањето на локалните политики и економски развој.