Граѓаните долж крајбрежјето добија препорака да се евакуираат подлабоко во внатрешноста на земјата.
Моќен земјотрес со магнитуда од 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погоди јужните делови на Филипините. Најмалку едно лице загина, а властите сè уште ја проценуваат вкупната штета. Земјотресот се случи во 9:43 часот по локално време, само две недели по силното тресење на островот Себу.
Епицентарот бил забележан во морето, околу 62 километри југоисточно од градот Манај, во покраината Давао Ориентал, на релативно мала длабочина од 23 километри, според податоците на Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (PHIVOLCS). Американскиот геолошки завод (USGS) ја процени длабочината на 58 километри, што покажува вообичаени разлики во почетните мерења.
Веднаш по земјотресот, "PHIVOLCS" издаде предупредување за „разорно цунами со бранови опасни по живот“, предвидувајќи можни бранови повисоки од еден метар. Пацифичкиот центар за предупредување од цунами (PTWC) со седиште во Хонолулу предупреди на можни бранови високи до три метри долж филипинското крајбрежје, како и на помали бранови во Индонезија и Палау.
6. A 7.6M earthquake struck near Davao City, Philippines, triggering tsunami warnings and mass evacuations. #lindol #sismo_deprem_gempa
— GeoTechWar (@geotechwar) October 10, 2025
Waves up to 3 meters may impact coastal areas. Local authorities urge residents to stay alert. pic.twitter.com/dbONlJUv5x
Властите веднаш наредија на жителите на крајбрежните подрачја во шест покраини да се евакуираат на повисоки локации.
„Ги повикуваме крајбрежните заедници да останат внимателни и веднаш да се евакуираат на повисок терен до понатамошна најава", изјави Бернардо Рафаелито Алехандро IV, заменик-администратор на Канцеларијата за цивилна одбрана.
Претседателот Фердинанд Маркос Џуниор им нареди на сите надлежни институции – вклучувајќи ја армијата и крајбрежната стража – да помогнат во евакуацијата, спасувањето и доставувањето помош. Во регионот Давао беше активиран црвен аларм, највисоко ниво на подготвеност при катастрофи.
Иако целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, потврдена е најмалку една жртва. Според локалните власти, 54-годишна жена во градот Мати загинала откако врз неа паднал ѕид.
Очевидци опишаа сцени на хаос за време на потресот:
„Возев автомобил кога тој почна да се лула, а електричните кабли се замавнуваа како луди. Луѓето излегуваа од домовите додека земјата се тресеше. Имавме земјотреси и порано, но овој беше најсилниот", раскажа Џун Сааведра, службеник за управување со катастрофи во градот Гувернер Генеросо.
Во неговиот град, најмалку 50 ученици од средно училиште биле пренесени во болница поради вртоглавица, несвестица и модринки предизвикани од земјотресот. Во целото погодено подрачје биле забележани пукнатини на згради, вклучувајќи училишта и универзитети.
Меѓународниот аеродром во градот Давао претрпел помали оштетувања, но летовите не биле откажани.
Во неколку градови и покраини, меѓу кои Давао Сити и Илоило Сити, наставата и работата во јавните институции беа прекинати за да се извршат безбедносни инспекции.
Исто така, забележани се прекини во снабдувањето со електрична енергија и успорување на интернет-врските.
Приближно два часа по земјотресот, Пацифичкиот центар за предупредување од цунами ја укина заканата. Иако беа забележани мали осцилации на нивото на морето, катастрофални бранови не се случија.
Највисокиот забележан бран бил во Индонезија, во покраината Северен Сулавеси, и изнесувал 17 сантиметри.
Сепак, опасноста не е целосно помината.
Регионот беше погоден од повеќе од сто последователни потреси, при што најсилниот – со магнитуда 5,9 степени – беше забележан само осум минути по првиот удар.
Сеизмолозите предупредуваат дека површината ќе продолжи да се тресе во наредните денови.