"TikTok" им препорачува порнографија на деца, покажува нов извештај

Точка

03/10/2025

19:11

314

Големина на фонт

а а а

Алгоритмот на „TikTok“ им препорачува порнографија и сексуална содржина на детски профили, се наведува во нов извештај на организацијата за човекови права „Global Witness“.

Истражувачите крајот на јули и почетокот на август оваа година отвориле четири профили на „TikTok“, претставувајќи се како 13-годишни деца. И покрај тоа што активирале безбедносни поставки, на нив им биле понудени предлози за пребарување со сексуална содржина.

Предложените термини воделе до видеа со експлицитни сексуални сцени.

Од „TikTok“ велат дека се посветени на безбедноста и дека презеле мерки веднаш штом биле информирани за проблемот.

Истражувачите користеле лажни датуми на раѓање и не биле побарани дополнителни информации за потврда на идентитетот.


Порнографија и „ограничен режим“

Тие вклучиле и „ограничен режим“, за кој „TikTok“ тврди дека спречува корисници да гледаат „теми како сексуално сугестивна содржина“.

Сепак, во делот „можеби ќе ви се допадне“ им биле препорачани отворено сексуализирани термини за пребарување кои воделе до видеа на жени што симулираат мастурбација. Други снимки прикажувале жени во долна облека на јавни места или со откриени гради.

Во најекстремниот случај, содржината вклучувала експлицитни порнографски филмови со пенетративен секс.

Наодите биле „огромен шок“ за истражувачите, изјави Ава Ли од „Global Witness“.

„TikTok не само што не успева да ги заштити децата од непримерна содржина, туку им ја препорачува веднаш по отворањето на профил“, објасни таа.


„Global Witness“ алармира

Оваа организација обично истражува како големите технолошки компании влијаат врз човековите права, демократијата и климатските промени. Проблемот бил откриен уште во април годинава, при друго истражување.

По добивањето на првичните сознанија, „Global Witness“ го информирала „TikTok“, кој соопштил дека презел итни мерки. Но, во јули и август истата година, организацијата повторила тестирање и повторно открила дека апликацијата препорачува сексуална содржина.

Од компанијата велат дека имаат повеќе од 50 функции дизајнирани за заштита на тинејџерите и дека отстрануваат девет од десет видеа кои ги кршат нивните насоки пред воопшто да бидат прегледани од корисниците.


Нови закони и регулативи

Детските кодекси од Законот за безбедност на интернет во Велика Британија стапија во сила на 25 јули 2025 година и наметнуваат законска обврска за заштита на децата онлајн.

Платформите сега мора да користат „многу ефикасна проверка на возраста“ за да спречат пристап до порнографија и се должни да прилагодат алгоритми за блокирање содржини кои промовираат самоповредување, самоубиство или нарушувања во исхраната.

„Сите се согласуваат дека мора да ги заштитиме децата на интернет, време е регулаторите да се вклучат“, изјави Ава Ли.

Реакции на корисници

Истражувачите забележале и реакции на други корисници на сексуализираните термини за пребарување што им биле препорачани.

„Може ли некој да ми објасни што се случува со моите препораки за пребарување, ве молам?“, напишал еден корисник.

„Што не е во ред со оваа апликација?“, додал друг.