[ВИДЕО] Откриена е „залутана планета“ која расте со неверојатна брзина: „Луѓето често ги замислуваат планетите како мирни и стабилни светови, но ова откритие покажува дека...“

Точка

03/10/2025

17:44

654

Големина на фонт

а а а

Замислете планета која лута низ вселената без никаква матична ѕвезда — како ладен и темен скитник осуден на вечна самотија.

Таквите планети, астрономите ги нарекуваат „одметнички“ (англ. rogue planets), а најновите набљудувања на Европската Јужна Опсерваторија (ESO) открија дека една од нив токму сега поминува низ рекорден, експлозивен раст.

6 милијарди тони во секунда

Планетата со службено име „Cha 1107-7626“, која се наоѓа на околу 620 светлосни години од нас, во соѕвездието Камелеон, во моментов „проголтува“ околу шест милијарди тони гас и прав секоја секунда. Тоа е најголемиот некогаш забележан раст кај планета — особено кај слободно лутачки планетарни објекти.

„Луѓето често ги замислуваат планетите како мирни и стабилни светови, но ова откритие покажува дека планетарните маси што слободно се движат низ вселената можат да бидат исклучително возбудливи места“, изјавил Виктор Алмендрос-Абад, астроном од Астрономската опсерваторија во Палермо и главен автор на студијата.

Негов тим открил дека стапката на акреција, процес во кој планетата собира материјал од околните облаци гас и прав, воопшто не е стабилна, туку дека планетата поминува низ нагли „избојувања“ на раст.

Во август 2025 година, „Cha 1107-7626 “„голтала“ материјали осум пати побрзо отколку само неколку месеци претходно.

Планета или ѕвезда?

Таквите изненадни блесоци обично се забележуваат кај млади ѕвезди, но никогаш претходно не биле забележани кај планети. Токму тоа е и главното изненадување: планетата со маса од пет до десет Јупитерови маси не се однесува како планета во нашиот Сончев систем, туку како мала ѕвезда во развој.

Алекс Шолц од Универзитетот Сент Андрус, еден од коавторите на студијата, истакнува дека потеклото на одметничките планети сè уште останува нерешено прашање.

„Дали тие се објекти со најмала маса кои се формирале како ѕвезди, или пак џиновски планети исфрлени од системите во кои се родиле? Новото откритие повеќе укажува на ѕвездениот сценарио“, објаснил тој.

Со други зборови, барем некои од лутачките планети настануваат како ѕвезди, преку гравитациско привлекување и колапс на облак од гасови, а не само како делови од некој планетарен систем кои подоцна се исфрлени поради некоја гравитациска „несреќа“.

На целиот процес влијае и магнетизмот

Подеднакво фасцинантно во новото истражување е тоа што научниците за првпат ја забележаа улогата на магнетните полиња во растот на некоја планета.

Имено, магнетната активност, до сега позната како важен поттикнувач на акреција на материјал кај ѕвездите, сега е забележана и кај објекти со планетарна маса. Тоа значи дека дури и релативно мали вселенски објекти можат да имаат доволно силни магнетни сили за да поттикнат голем прилив на материјал.

Згора на тоа, за време на избувнувањето е откриена и водена пареа во дискот околу планетата – феномен кој порано се забележувал кај ѕвездите, но никогаш кај планетите. Тоа сугерира дека хемијата на околината може драматично да се менува во краток период и дека таквите процеси можат да ги обликуваат идните планети или идните месечини да им обезбедат состојки за појава на живот.


Комбинација на информации од повеќе уреди

Откритието било овозможено со комбинација на повеќе инструменти. Клучна улога имал спектрографот „X-shooter“ на ESO-виот Многу голем телескоп (VLT) сместен во Чиле, во пустината Атакама, под едно од најчистите неба во светот.

Тимот исто така ги користел податоците собрани од вселенскиот телескоп Џејмс Веб, како и архивските снимки од спектрографот „SINFONI“ на истиот телескоп. Користејќи повеќе извори на светлина, научниците успеале да ги споредат емисионите линии пред и за време на избувнувањето и така да ги откријат промените во хемијата и физиката на планетата.

„Ова откритие ја брише границата помеѓу ѕвездите и планетите и ни дава увид во најраните фази од формирањето на одметничките планети“, изјавила коавторката Белинда Дамијан од Универзитетот во Сент Ендрус.

Мистеријата на одметничките планети

Одметничките (или залутаните) планети се голема енигма. Многу тешко се откриваат бидејќи не светат како ѕвездите, а прашањето како настануваат и понатаму останува едно од клучните во современата астрофизика. Засега сè уште не е јасно дали се формираат во рамки на ѕвездени системи, па потоа гравитацијата ги исфрла во меѓуѕвезден простор, или пак настануваат самостојно – како минијатурни ѕвезди кои никогаш не достигнуваат критична маса доволна за започнување на нуклеарна фузија? Најновите откритија одат во прилог на ова второ сценарио.

Амелија Бајо од ESO истакнува:

„Идејата дека еден планетарен објект може да се однесува како ѕвезда е восхитувачка и нè тера да се запрашаме како би можеле да изгледаат екстрсоларните светови во нивните најрани фази.“


Ист процес на формирање

За астрономијата, ова откритие значи дека процесите на формирање на планети и ѕвезди имаат повеќе заедничко отколку што досега се мислеше. Практично, тоа покажува колку идните телескопи – особено ESO-виот Екстремно голем телескоп (ELT), кој се гради во пустината Атакама – ќе го променат нашето разбирање на вселената. Со своето огледало со дијаметар од 39 метри, „ELT“ ќе може рутински да открива вакви планети и детално да ја проучува нивната хемија. Тоа ќе им помогне на научниците да откријат како изгледа „детството“ на една планета и кои услови се потребни за таа можеби еден ден да стане свет сличен на нашиот.

Додека Земјата веќе 4,5 милијарди години кружи околу Сонцето, осамената планета „Cha 1107-7626“ токму сега, во темнината на вселената, ја доживува својата најбурна, младешка фаза од животот. Тоа е потсетник дека во вселената планетите не се секогаш мирни и завршени „производи“, туку понекогаш и диви „адолесценти“ кои проголтуваат сè околу себе.

За астрономите, овој објект претставува редок прозорец кон детството на една вселенска скитничка – можеби токму во моментот кога се решава дали нејзиниот живот ќе наликува повеќе на оној на ѕвезда или на планета.