Антарктикот се соочува со рекорден пад на нивото на морскиот мраз поради затоплувањето на океаните, што заканува со глобално зголемување на нивото на морето и забрзување на климатскиот хаос.
Научниците предупредуваат дека Антарктикот можеби ја поминал климатската точка без враќање, бидејќи наглиот пад на формирањето морски мраз од 2016 година наваму изгледа поврзан со глобалното затоплување на океаните предизвикано од човечка активност.
Во февруари 2023 година, антарктичкиот морски мраз достигна рекорден минимум, што претставува трето лето со рекордно ниски нивоа на мраз за само седум години. И септември 2023 година исто така забележа рекордно низок максимум.
Климатските модели предвидуваа извесно намалување на мразот, но брзината и обемот на падот од 2016 година ги изненадија истражувачите. Оваа недела, научниците се собраа во „Royal Society London“, познатата британска научна академија, за да дискутираат дали ваквиот развој на настаните претставува климатска пресвртница.
Историските податоци потврдуваат екстрем
Природната варијабилност во климата и времето не може да го објасни овој нагол пресврт, вели Мерилин Рафаел од Универзитетот „California“ во Лос Анџелес. Користејќи податоци од метеоролошки станици на Антарктикот, Рафаел ги анализирала мерењата на морскиот мраз до почетокот на 20 век. Нејзиниот тим заклучил дека веројатноста за минималното ниво на мраз во 2023 година, гледано според историските трендови, е помала од 0,1 отсто.
„Навистина гледаме екстремно однесување во однос на морскиот мраз“, изјави таа на состанокот на „Royal Society“, пренесува „New Scientist“.
„Во моментов гледаме дека целиот антарктички морски мраз реагира како целина. Промените што ги набљудуваме се многу долгорочни и изгледа остануваат во системот долго време“, изјави за „New Scientist“ Александар Хауман од „Alfred Wegener Institut“ во Германија. Хауман го припишува губењето на мразот на „наталожена промена“ во системот на морскиот мраз. Новите истражувања покажуваат дека затоплената длабинска океанска вода, која до површината ја придвижуваат промените во ветровите и салинитетот, го забрзува исчезнувањето на мразот.
Потенцијални глобални последици
Намалувањето на морскиот мраз на Антарктикот би можело да ги дестабилизира глечерите и ледените плочи, што драматично би го зголемило глобалното ниво на морето, бидејќи антарктичкиот леден покрив содржи доволно вода за да го подигне нивото на морето за вкупно 58 метри. Намалувањето на мразот, исто така, ја затемнува површината, зголемувајќи ја апсорпцијата на топлина и дополнително затоплување.
Зголеменото издигнување на длабинската вода би можело да ослободи и стотици гигатони јаглерод во атмосферата. Научниците дури сега започнуваат да моделираат како овие климатски повратни ефекти би можеле да се развиваат и какви последици би можеле да имаат врз глобалната клима.