Дванаесет кафеави мечки се натпреварувале во Националниот парк Катмаи во Алјаска за титулата најдебела мечка, пренесе Би-би-си.
Овие моќни животни морале многу да се здебелат за да ги преживеат студените месеци, па затоа секоја година турнирот се организира како прослава на нивната успешна подготовка за зимска хибернација.
Но, кој го освои златото оваа година?
Победникот е… Чанк!
Чанк ја презеде титулата од двократниот шампион Грејзер.
Тој беше опишан како „најдоминантната кафеава мечка“ и освои речиси 100.000 гласови во финалето.
Чанк го постигна ова и покрај тоа што поголемиот дел од сезоната го помина со скршена вилица.
Можеби токму та издржливост, заедно со неговата способност да јаде огромни количини лосос и бобинки, ги освои срцата на јавноста?
Што е Недела на дебелите мечки (Fat Bear Week)?
Неделата на дебелите мечки започна во 2014 година и оттогаш стана глобална сензација, со повеќе од милион луѓе кои гласаат за својата омилена мечка.
Целта е да се види која кафеава мечка од Алјаска успеала да се здебели најмногу пред зимата.
Турнирот се одржува во елиминациски формат – мечка против мечка – а публиката гласа за оној кој постигнал најимпресивно зголемување на телесната тежина.
На крајот од натпреварот што трае една недела, само еден излегува како шампион.
Чуварите на паркот Катмаи го организираат ова натпреварување и велат дека е и забавно и едукативно:
„Тоа е начин да се прослави отпорноста, приспособливоста и силата на кафеавите мечки Катмаи“.
Што е хибернација?
Хибернацијата е начин животните – како што се пеперутките, ежовите, мечките и лилјаците – да преживеат студени зими без потреба да бараат храна или да мигрираат на потопли места.
Наместо тоа, тие се повлекуваат во топли скривалишта и влегуваат во состојба слична на сон која трае неколку месеци, за време на која не јадат, не пијат и го забавуваат метаболизмот за да заштедат енергија.
Според националниот парк, „дебелите мечки се успешни мечки“.
Многу е важно тие да се здебелат пред хибернацијата, бидејќи во тој период можат да изгубат до една третина од нивната телесна тежина.
Значи – колку повеќе килограми ќе добијат, толку подобро ќе ги преживеат студените месеци.