Јапонија е земја што истовремено воодушевува и збунува. Патниците ја доживуваат како совршен спој на древни традиции и современи достигнувања – токму затоа што таму технологијата и традицијата живеат рамо до рамо, создавајќи уникатна секојдневна реалност
А токму во таа секојдневица се крие она што најмногу ги фасцинира посетителите – нивната култура на однесување, длабоко вградена во општеството. Правилата често се непишани, но строго се почитуваат, па она што на нас ни изгледа сосема нормално, во Јапонија може да се смета за непристојно или дури строго забрането. За многумина, посетата на Јапонија претставува вистински културен шок, но токму во тие правила се крие убавината на јапонскиот начин на живот.
Во продолжение ви ги пренесуваме седумте најпознати „забрани“ кои најдобро ја покажуваат длабоката дисциплина и заемното почитување во јапонското секојдневие.
1. Давање бакшиш е знак на непристојност
Додека во многу делови од светот келнерите и хотелскиот персонал очекуваат бакшиш, во Јапонија ситуацијата е сосема поинаква. Давањето пари „од страна“ може да се протолкува како навреда или како навестување дека вработениот инаку не си ја врши работата како што треба. Во јапонската култура, услугата се подразбира како дел од цената, а вработените се горди на својот професионализам. Да се остави бакшиш значи да се доведе во прашање нивната чест и може да предизвика непријатност.
2. Телефонирање во јавен превоз строго е забрането
Јапонските возови и автобуси се познати по тишината и редот. Патниците често го користат времето за читање, одмор или тивко набљудување низ прозорецот. Телефонски разговор во таква атмосфера се смета за нарушување на јавниот ред и мир. Затоа, најголемиот дел од луѓето веднаш го ставаат мобилниот телефон на „silent mode“, а известувањата и повиците ги оставаат за подоцна. Дури и тивките разговори со пријатели може да предизвикаат негодување кај другите патници.
3. Сакате да јадете додека пешачите? Во Јапонија не се обидувајте ниту случајно!
Храната во Јапонија има особено значење. Без разлика дали станува збор за залак суши или топла рамен супа, консумацијата на храна е поврзана со момент на уживање и благодарност. Јадењето додека се оди се смета за непочит — и кон храната, и кон луѓето околу вас. Наместо тоа, Јапонците застануваат, наоѓаат мирно место, седнуваат и со внимание уживаат во оброкот. За туристите кои се навикнати да „грицкаат во движење“, ова правило може да биде вистинско изненадување.
4. Во Јапонија нема канти за отпадоци на улиците, а зејата е една од најчистите на светот
Една од првите работи што странците ја забележуваат во Јапонија е неверојатната чистота на градовите. Но, истовремено ќе сфатат дека на улиците речиси и да нема корпи за отпадоци. Тоа е резултат на историски причини, но и на длабоко вкоренета општествена дисциплина. Јапонците без проблем го носат своето ѓубре со себе со часови, сè додека не најдат соодветно место за негово фрлање. Со тоа покажуваат одговорност и грижа за заедничкиот простор. Во пракса, резултатот е неверојатно чист јавен простор кој ги воодушевува посетителите.
5. Јавните изрази на нежност се екстремно ретка глетка
Додека во некои култури бакнежите и прегратките на јавно место се знак на блискост и љубов, во Јапонија ваквите изрази се резервирани за приватност. Јавното покажување емоции често предизвикува непријатност кај набљудувачите, а самите парови може да се најдат во незгодна ситуација. Јапонската култура става акцент на дискреција и воздржаност, па затоа ретко ќе видите парови како се прегрнуваат или бакнуваат на улица.
6. Обувките се соблекуваат во затворен простор
Едно од најпознатите јапонски правила се однесува на обувките. При влез во дом, храм, а понекогаш и во одредени ресторани, задолжително е да се собујат чевлите. Со тоа се зачувува чистотата на просторот и се изразува почит кон домаќинот или местото. Најчесто се обезбедени папучи за користење во затворен простор, а во традиционални простории како што се татами-собите, и папучите се соблекуваат. Овој обичај поттикнува свест за хигиената и е поврзан со чувството на хармонија во просторот.
7. Тишина во лифт
За многу посетители, можеби најчудното правило се однесува на возењето со лифт. Штом ќе се затворат вратите, разговорите престануваат, а просторот го исполнува тишина. Дури и меѓу пријатели кои до моментот на влегување весело разговарале, во лифтот владее мир. Се смета дека разговорот во мал, затворен простор ја нарушува удобноста на другите. Иако можеби звучи необично, ова правило совршено ја отсликува јапонската култура на почитување на личниот простор.