Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун формирал посебни тимови за да го спречи растот на популарноста на операциите за зголемување на гради, тврдејќи дека станува збор за „антисоцијалистичка практика“, пренесува „New York Post“.
Министерството за јавна безбедност на главниот град Пјонгјанг издало итни наредби против „гнилите и капиталистички“ импланти, при што на жените кои ги вградуваат им се закануваат строги казни, вклучително и испраќање во работни логори.
Специјални тимови биле распоредени низ целата земја, при што летово федерални агенти во цивилна облека трагале по лекари кои работат на црниот пазар и по жени со „неприродно бујни гради“. Во случаи каде што властите се сомневале дека е извршена операција, жените биле подложувани и на физички прегледи.
Жените или приватните лекари кои се задржани во притвор би можеле да се соочат со казни, вклучително и испраќање во работни логори, под обвинение за антисоцијализам – пренесуваат анонимни извори запознаени со ситуацијата.
Севернокорејската влада тврди дека зголемената побарувачка за операции на гради, очни капаци и трајна шминка на веѓите е резултат на тоа што жените се „пронижани со буржоаска идеологија“. На еден приватен лекар веќе му се судело во средината на септември.
„Жените кои живеат во социјалистичкиот систем се корумпирани од буржоаските обичаи и извршиле гнили капиталистички дела“, изјавил обвинителот за време на судењето.
Тогаш било откриено и дека жените со извршени операции на гради биле подложени на физички прегледи спроведени од страна на владини службеници.