[ВИДЕО] На фотографиите од венчавката забележале непознат човек: 4 години го барале преку социјални мрежи и ТВ, а еве како завршил целиот случај

Точка

30/09/2025

19:40

2.994

Големина на фонт

а а а

Мишел и Џон Вајли од Ајршир, Шкотска, со години се обидувале да го откријат идентитетот на еден непознат маж кој се појавил на нивните свадбени фотографии.

По четири години, мистеријата конечно била разрешена – и тоа на мошне необичен начин.

Парот ја раскажал својата приказна во емисијата „This Morning“ на британската телевизија „ITV“. По венчавката, на фотографиите забележале висок маж во сино одело кого никој од гостите не го познавал.



„Никој не разговараше со него. Едноставно не можев да го исфрлам од глава. Си мислев – зошто би бил таму?“, раскажала Мишел.

Во обид да ја реши мистеријата, таа објавила неколку фотографии на Фејсбук и ги замолила пријателите да ги споделат. Сепак, потрагата не дала резултат.

Интересен пресврт

Откако не успеала преку социјалните мрежи, Мишел се обратила кај инфлуенсерот Дарен Даулинг и го замолила да го преземе предизвикот. Тој веднаш реагирал и ја објавил приказната на својот профил, а само два часа подоцна – се јавил самиот „мистериозен гостин“.

Се утврдило дека станува збор за маж по име Ендру, кој тој ден всушност требало да присуствува на друга венчавка. Поради недоразбирање околу локацијата, церемонијата во последен момент била преместена во друг хотел – па тој, без да знае, завршил на венчавката на Мишел и Џон.

„Сфатив дека сум на погрешно место дури кога невестата тргна кон олтарот – и увидов дека воопшто не ја познавам. Во тој момент си реков: ништо не можам да направам, ќе морам да се преправам дека припаѓам тука“, раскажал Ендру низ смеа.


Тој додал и дека бил највисокиот човек во просторијата, но никој ништо не му рекол – па едноставно се вклопил.

Години подоцна, останал шокиран кога на интернет ги видел своите фотографии заокружени со црвен маркер, со натпис: „Сте го виделе ли овој човек?“.

Неочекувано пријателство

Мишел и Џон биле изненадени кога ја дознале вистината.

„Не можам да поверувам дека никој не го забележал. Буквално стоел до моите родители“, рече Мишел.

Џон призна дека бил премногу нервозен за да обрнува внимание на гостите. На крајот, целата ситуација се претворила во симпатична анегдота, а парот во меѓувреме се спријателил со Ендру.

„Тоа беше голема грешка, но и смешна приказна. Нашиот голем ден поради тоа стана уште попосебен“, заклучи Мишел.