„Fiat 126“ не се произведува веќе 25 години. Денес би бил микроавтомобил погоден за градски услови на возење, но во многу земји од Источна Европа овој модел, долг нешто повеќе од 3 метри, со години се користеше како вистинско семејно патничко возило.
„Fiat“ во својата историја имал повеќе исклучително успешни мали модели на автомобили (како што се оригиналниот „Fiat 500“ и „Fiat 600“), а и денес неговите модели "Panda" и "500" владеат на европскиот автомобилски „A“ сегмент.
Иако формално претставуваше наследник на легендарниот „Fiat 500“, „коцкастиот“ дизајн на 126-цата означи раскин со заоблените линии на својот претходник. Во Италија, „Fiat 126“ се произведуваше релативно кратко, од 1972 до 1980 година, но вистински бум направи во земјите од поранешниот Источен блок (па и во Југославија, каде што беше попознат како „пегла“), благодарение на тоа што по лиценца се изработуваше во Полска (1973 – 2000).
И покрај малите димензии (автомобилот е долг само 3,05 м, со меѓуоскино растојание од 1,84 м), полскиот „Fiat 126p“ беше извонредно популарен во Источна Европа поради својата ниска цена и едноставната конструкција.
За погон првично се користеше двоцилиндричен мотор со воздушно ладење, со зафатнина од 594 ccm, кој развиваше 23 коњски сили (17 kW). Подоцна зафатнината беше зголемена на 652 ccm – силата остана иста, но максималниот вртежен момент порасна од 39 на 43 Nm.
Моторот беше сместен одзади, веднаш зад задните седишта, а до него се пристапуваше преку мал заден капак. Автомобилот беше унапреден во 1987 година (кога во името доби додавка Bis) со вградување на мотор со водено ладење со зафатнина од 704 ccm и сила од 26 коњски сили (19 kW). Освен неколкуте стилски интервенции, 126-цата доби и трета врата, така што покрај предниот багажник, купувачите добија на располагање и мал заден багажен простор над моторот.
Иако основната концепција на автомобилот остана иста до крајот на производството, за неполни три децении „Fiat 126p“ претрпе бројни технички подобрувања. Унапредени беа кочниците, системот за палење на моторот, а подобрена беше и светлосната сигнализација со воведување на задни светла за магла и за движење наназад.
Во Југославија, кога се појави, „Пеглата“ беше најевтиниот нов автомобил. До 22 септември 2000 година, кога конечно заврши производството на 126-цата, од фабричките линии во Полска излегоа дури 3.318.674 возила, додека во Италија за осум години беа изработени 1.352.912 автомобили.