И покрај симпатичниот изглед, дури и најмалите модели мора внимателно да се прегледаат пред купување.
Малите градски автомобили полека исчезнуваат од пазарот на нови возила бидејќи производителите не остваруваат големи профити од нив. Но нивната приказна е далеку од завршена. На пазарот на половни автомобили, модели како „Renault Twingo“ или „Hyundai i10“ и понатаму се исклучително популарни, нудејќи практично решение за градските метежи и ограничените паркинг-места.
Покрај нив, меѓу најпрепорачуваните мали автомобили се и „VW Up“, „Fiat 500“ и „Citroën C1“, кои се издвојуваат со ниски трошоци за одржување благодарение на едноставната технологија. Цените веќе се стабилизирани, па сочувани примероци со уредна сервисна историја и километража под 100.000 km може да се најдат за околу 6.000 евра.
Сепак, без разлика на изгледот, овие модели бараат детална проверка пред купување. Честата градска експлоатација и промената на повеќе возачи оставаат траги на потрошните делови. Тоа го потврдуваат и извештаите од технички прегледи, каде што ваквите автомобили често се наоѓаат на дното на листите за доверливост. „Auto Bild“ донесува преглед на пет популарни модели и совети на што треба да се внимава.
1. Citroën C1: Удобниот Французин без големи маани
• Производство: 2014 – 2022
• Цена: од 5.200 евра
Иако долг помалку од 3,5 метри, „C1“ нуди изненадувачка удобност благодарение на меко наместеното потпирање – реткост во оваа класа. Сепак, просторот на задните седишта и багажникот (196 литри) е ограничен. Со маса под еден тон, дури и основните мотори обезбедуваат агилност со потрошувачка под шест литри. Препорака е "VTi" моторот со 69 коњски сили.
Слабости: Скромен избор на мотори и автоматизиран менувач што не се препорачува поради груби промени на брзините. При купување треба да се провери издувниот систем, склон на корозија, како и кочните дискови. Но, благодарение на едноставната конструкција, „C1“ нема скапи и познати дефекти.
2. Fiat 500: Икона на стилот со технички „мушички“
• На пазарот: од 2007
• Цена: од 5.900 евра
„Fiat 500“ со ретро-дизајнот постигна огромен успех. Понудата на мотори е широка, од штедливи двоцилиндрични до спортски „Abarth“ верзии. Најпрепорачлив е "0.9 TwinAir" моторот со 86 коњски сили.
Сепак, симпатичниот изглед не го следи и квалитетот. Моделите пред редизајнот во 2015 често имаат проблеми со пружини и амортизери, а издувните системи брзо кородираат. Чести се и губење на масло, дефекти на кочниците, проблеми со автоматизираниот „Duologic“ менувач, како и слаб квалитет на ентериерот, каде што копчињата пукаат, а хромираните детали се лупат.
3. VW Up: Просторен и квалитетен во мало пакување
• Производство: 2011 – 2023
• Цена: од 6.000 евра
„Up“, заедно со своите „браќа“ "Škoda Citigo" и "Seat Mii", нуди изненадувачки многу простор благодарение на дизајнот во облик на кутија. Квалитетот на изработка е одличен, а возењето урамнотежено. Единствен мотор е трицилиндричниот 1.0-литарски, при што основната верзија со 60 коњски сили е сосема доволна за град.
Слабост е автоматизираниот менувач – познат по бавни промени на брзините и скапи дефекти. „Ако се запали ламбата на менувачот, поправката на актуаторот може да чини и над 1.000 евра“, се наведува. Најголем дел од проблемите беа отстранети по редизајнот во 2014 година.
4. Hyundai i10: Кореец со богата опрема
• Производство (втора генерација): 2013 – 2019
• Цена: од 5.500 евра
Овој модел изненадува со пространост и богата опрема во повисоките нивоа, каде што може да се најде и грејач на волан. Секогаш доаѓа со пет врати, а багажникот од 218 литри е меѓу најголемите во класата. Препорака е посилниот 1.2 мотор со 87 коњски сили и мануелен менувач, бидејќи автоматикот е доста бавен.
На долги тестови се покажаа проблеми со спојката, која не секогаш точно одвојува. На техничките прегледи „i10“ има просечни резултати, а најчести забелешки се поврзани со кочниците, потпирањето и губење масло на моторот и менувачот.
5. Renault Twingo: Генијален концепт со просечни перформанси
• На пазарот: од 2014
• Цена: од 4.900 евра
„Twingo“ ја дели платформата со „Smart ForFour“, што значи дека има мотор и погон позади. Главната предност е неверојатно малиот круг на вртење (под 9 метри), што го прави „крал на градските паркинзи“. Најпрепорачлив е атмосферскиот мотор "SCe 70" со 71 коњски сили.
Сепак, концептот носи и недостатоци: нема преден багажник, проверката на масло е комплицирана, удобноста е ограничена, а на автопат при високи брзини станува нестабилен. Најчести слабости се чувствителното потпирање и издувниот систем кој брзо кородира – забелешки што редовно се јавуваат на технички прегледи.