Летот, за кој се очекува да стане најдолгиот досега регистриран е закажан за 4 декември 2025 година. Ќе трае 29 часа, а го подготвува кинеската авиокомпанија (China Eastern Airlines).
Летот ќе ги поврзува Шангај и Буенос Аирес, а патниците ќе имаат кратка пауза во Окленд, Нов Зеланд.
На планираната рута, авионот ќе помине повеќе од 20.000 километри, што е приближно половина од обемот на целата планета. Сепак, овој лет нема да ја обезбеди титулата најдолга директна рута за лет, бидејќи авионот ќе има двочасовно запирање во Окленд, Нов Зеланд.
Сепак, според „Бизнис инсајдер“, малку е веројатно дека патниците ќе можат да го напуштат авионот за време на застанувањето.
Кинеската авио-компанија „China Eastern Airlines“ ќе лета на таа рута двапати неделно, користејќи широкотрупен „Боинг 777-300 ЕР“, соопшти авиокомпанијата, пренесе Си-ен-ен.
Појдовниот лет, од меѓународниот аеродром Пудонг во Шангај до меѓународниот аеродром Министро Пистарини во аргентинската престолнина, ќе трае 25 часа – четири часа помалку од повратниот лет.
Еднонасочните билети во економска класа за летови во декември се рекламираат на веб-страницата на кинеската компанија за цена помеѓу 1.300 и 2.000 евра. Билетите во бизнис класа чинат околу 4.000 евра.
Многу авиокомпании често тежнеат кон титулата за „најдолги“ летови во светот. Во моментов, Сингапур ерлајнс има најдолг комерцијален лет без престан, кој сообраќа помеѓу Сингапур и аеродромот ЏФК во Њујорк и трае помеѓу 18 и 19 часа.
Австралиската авиокомпанија Квантас планира да лансира 20-часовни директни летови од Сиднеј до Лондон и Њујорк оваа година.