Животот на Изабела Аџани потсетува на филмско сценарио – од сиромашно детство во предградие на Париз до светска слава. Ќерка на строг и конзервативен имигрант, уште од мали нозе се соочувала со ригидни правила.
Татко ѝ ѝ забранувал дури и да се гледа во огледало, убеден дека суетата е грев. Поради тоа, со години посетувала терапии за да научи да ја прифати сопствената убавина – истата онаа убавина со која подоцна го освои светот.
Пресвртниот момент се случил кога имала само 14 години, кога на улиците на Париз ја забележал филмски агент. Така започнала нејзината кариера, а со славата дошол и бурен љубовен живот, за кој актерката секогаш зборувала со воздржаност. Зад таа дискреција се криеле осум големи љубови и еден брак, а секоја од тие врски оставила неизбришлив траг на нејзината душа.
Најболното поглавје била нејзината врска со познатиот актер Даниел Деј Луис. Нивната љубов, започната бурно и страсно, завршила ненадејно и болно – тој ја оставил бремена, без ниту еден збор за објаснување.
„Тој е љубовта на мојот живот. Заврши затоа што беше невозможна, неразбирливо силна. Нашата љубов беше како неизлечива болест. Еден поглед кон него и знаеш дека е човек подготвен да ти нанесе болка. Не можеше да ги раздвои улогите што ги играше од вистинскиот живот. Често се однесуваше како да не е од оваа планета, препуштајќи се на херојот што го играше. Имавме страст во најчиста форма, и такво нешто секогаш е осудено на пропаст. Имавме љубов за која сте читале во класичните романи. Нè уништи тоа што му дозволив да биде центар на мојот живот“, рекла божествената Французинка многу години по раскинувањето.
„Направив сериозна грешка во животот. Жените не треба да бидат докторки во врските. Ги спасував моите мажи, а тие подоцна среќата ја градеа со други. Ме гледаа како психолог. Мажите не ги сакаат жените што ги гледаат како слаби, во нивните најлоши денови. Не ја поднесуваат женската сила. Ја мразеа мојата љубов и беа слаби и ранливи“, објаснила Изабела во една прилика.
Во моментот кога Изабела го раѓала нивниот син, Даниел веќе бил во врска со холивудската миленичка, Џулија Робертс. Тој момент, како што самата признала, засекогаш ја обележал и оставил рана што никогаш целосно не заздравела.
Иако нејзините романси биле бурни и краткотрајни, тие ја обликувале и нејзината личност и нејзиниот уметнички израз.
Изабела Аџани и денес останува симбол на жена која, и покрај болните разочарувања, успеала да го зачува достоинството, страста и елеганцијата – и да ја доживее љубовта како неразделен дел од нејзиниот живот и уметност.