Ахмед Ал-Шара стана првиот сириски претседател кој се појави на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк по речиси шест децении.
Сирискиот претседател Ахмед Ал-Шара пристигна во Њујорк на 80. заседание на Генералното собрание на ОН (UNGA), со што влезе во историјата како првиот шеф на сириската држава кој учествува на овој собир по скоро 60 години.
Последниот сириски лидер кој се обратил пред Генералното собрание бил претседателот Нуредин ал-Атаси, далечната 1967 година – пред семејството Асад да ја преземе власта во 1971 година. Ал-Шара ја собори владата на Башар ал-Асад во декември минатата година, по што ја презеде контролата врз државата.
Значењето на посетата
Ал-Шара во неделата пристигна во Њујорк на чело на голема делегација сириски официјални лица, што државната телевизија го опиша како „историско патување“.
Оваа посета има силна симболика бидејќи претставува нова етапа во нормализирањето на ситуацијата во Сирија. Ал-Шара дојде на чело на државата по молневита офанзива на сириските бунтовници, по повеќе од една деценија помината како бунтовнички борец и лидер на џихадистичките групи „Ал-Каеда“ и „Хаџат Тахрир ал Шам“ на северот од Сирија.
Во тој контекст, особено е интересно тоа што за време на конфликтот во Сирија, додека сè уште беше водач на џихадистичките фракции и со препознатлив турбан, неговата глава беше уценета на 10 милиони долари, а САД го бараа „жив или мртов“.
Сепак, сè се промени по соборувањето на семејството Асад. Тој брзо го смени имиџот – наместо исламската воена униформа и турбан, најпрво облече зелена униформа со качкет во стилот на Фидел Кастро, за денес да се појавува во одело.
Средба со Доналд Трамп
Во мај, Ал-Шара се сретна со претседателот на САД, Доналд Трамп – прва средба меѓу сириски и американски претседател по 25 години. Состанокот се одржа за време на самитот на Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив, заедно со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Тогаш Трамп соопшти дека САД ќе ги укинат сите санкции кон Сирија, што и го направи веднаш потоа, најавувајќи дека Вашингтон „разгледува нормализација на односите со новата сириска влада“.
Внатрешни немири и надворешни закани
Новата власт на Ал-Шара денес се соочува со сериозни предизвици: внатрешни немири, особено по избивањето на насилства во јужниот регион Сувајда во јуни, како и со зачестени израелски напади и воени упади на сириска територија, и покрај преговорите меѓу двете земји, пишува „Al Jazeera“.
Сирија го обвинува Израел за кршење на Спогодбата за раздвојување од 1974 година, која следуваше по војната во 1973 година, тврдејќи дека Израел поставува разузнавачки центри и воени пунктови во демилитаризираната зона за да ги спроведува своите „експанзионистички и сепаратистички планови“.
Пофалби за укинувањето на санкциите
„Претседателот Трамп направи огромен исчекор кон Сирија со укинувањето на санкциите – брза, храбра и историска одлука. Тој призна дека Сирија мора да биде безбедна, стабилна и единствена. Тоа е во најголем интерес на сите земји во светот, не само на Сирија“, изјави Ал-Шара во интервју за американската емисија „Face the Nation“ на „CBS“.
Тој додаде дека се надева на нова средба со Трамп за време на престојот во САД.
„Мораме да разговараме за многу прашања и за заедничките интереси меѓу Сирија и САД. Мораме да ги обновиме односите на добар и директен начин“, рече Ал-Шара.
Укинување на санкциите и дипломатски потези во Вашингтон
Кон крајот на јуни, Трамп потпиша извршна уредба со која се „укинуваат“ поголемиот дел од преостанатите санкции против Сирија, што во Дамаск беше дочекано како ослободување на „долгоочекуваните средства за обнова и развој“.
По доаѓањето во САД, Ал-Шара се сретна со членови на сириската заедница. Во исто време, сирискиот министер за надворешни работи, Асад ал-Шибани, го подигна знамето на земјата на амбасадата во Вашингтон.