Скопјани остануваат без јавен превоз – автобусите на ЈСП запираат по 9 часот

Точка

22/09/2025

22:41

1.124

Големина на фонт

а а а

Скопјани утре ќе останат без јавен превоз. Автобусите на ЈСП „Скопје“ ќе сообраќаат само до 9:00 часот наутро, по што возниот ред целосно ќе запре. Единствено ќе се одржат првите тури од 4:45 до 9:00 часот, за да можат учениците и вработените да стигнат до училиштата и работните места.

Причината за оваа вонредна состојба е што вработените во претпријатието не ја примиле декемвриската плата, а дополнително недостасуваат и средства за редовното работење. Според синдикатот на ЈСП, без субвенции од Градот нема услови за исплата на плати ниту за одржување на системот.

Проблемот е продлабочен откако компанијата што го снабдува ЈСП со гориво престана со испораките поради долгови. Веќе денеска дел од автобусите се повлекоа од сообраќај, а граѓаните од Драчево, Лисиче и Пинтија први останаа без превоз.

Советот на Град Скопје за утре во 11 часот закажа вонредна седница на која ќе се разгледува барањето за субвенции. Според предлогот, потребни се 140 милиони денари за бесплатен превоз за пензионери и студенти, 485 милиони денари за тековните трошоци и плати, како и 60 милиони денари за функционирањето на системот за електронски билети и АВЛ-контролата.

Овие средства не беа одобрени на последната седница во декември, бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржаа одлуката. Доколку и утре не се изгласаат субвенциите, ЈСП предупредува дека јавниот превоз во Скопје ќе остане блокиран на неопределено време.