Никако да започне реализацијата на долгонајавуваното современо продолжение на серијата „Бушава азбука“ наречено „Бушав буквар“.
Сценариото за „Бушав буквар“ е веќе одамна завршено, но неговите креатори велат дека за овој проект имало мал интерес од институциите и години подоцна сè уште не е снимена ниту една сцена.
„Бушава азбука не беше обична серија. Тоа беше љубов, посветеност, подигнување на медиумските критериуми за тоа како се создаваат нови генерации со вистински вредности.
Медиумските содржини за децата никако не смеат да ја потценат нивната интелигенција и капацитет за критичка мисла. Затоа, како никогаш до сега, потребна е една таква емисија за деца, за да им покажеме повторно дека се грижиме за нив, за нивната иднина. И ние самите што сме сега во тимот на новата „Бушава азбука“, односно „Бушав буквар“, не би сакале да правиме компромиси по секоја цена. За една вредна и трајна серија за деца, од таков карактер, потребни се и добро обмислени и креирани соджини“, вели Синоличка Трпкова, актерка и креативен продуцент на „Бушав буквар“.
За продолжението на серијалот и до која фаза е развиен целиот проект, Синоличка вели дека сценариото е готово, но од ковид-пандемијата никој не покажал некаков интерес за еден ваков образовен подвиг.
„Веројатно никој не е заинтересиран за сериозно, стратешко збогатување на медиумски образовни содржини за децата и младите. А најмалку – јавниот сервис.
Да бидам искрена до крај – не сакаме по секоја цена да извадиме производ. Ова е сериозна работа. Ако мислиме на децата и се грижиме за нив – тогаш да го покажеме тоа. Ние имаме сценарио и тим, и сега државата е на ред. Нашиот народ го заслужува тоа. Ако сакаме умна младина, мора да се инвестира во медиумскиот простор наменет за неа. Кога слушам како се зборува во јавниот простор, ме фаќа паника.
Го уништуваме најдрагоценото живо културно наследство – македонскиот јазик. А со тоа се бришеме и сами себе“, вели таа.
Целото интервју прочитајте го на следниот ЛИНК.