Ова се најиновативните земји во светот: Германија веќе не е меѓу првите 10

Точка

22/09/2025

21:01

490

Големина на фонт

а а а

Според извештајот на Обединетите нации, дури шест од десетте најиновативни земји во светот доаѓаат од Европа. Сепак, Германија испадна од првите десет, а нејзиното место го зазеде Кина, која за првпат се најде на оваа листа.

Најиновативни земји во светот

Швајцарија го зазеде првото место – позиција што ја држи уште од 2011 година. Шведска и САД се најдоа на второто и третото место на „Global Innovation Index“ (GII) на Светската организација за интелектуална сопственост, кој опфати 139 економии и ги рангираше земјите врз основа на 78 индикатори, пишува „euronews“.

Понатаму, на листата следуваат Јужна Кореја, Сингапур, Обединетото Кралство, Финска, Холандија и Данска. Кина се пласираше на десеттото место, додека Германија падна на 11. позиција, од деветтото место што го имаше една година претходно.

Во Западна Европа, Франција се најде на 13. место, Ирска на 18., Италија на 28., Шпанија на 29., а Португалија на 31. позиција.


Податоци и трендови

„GII 2025“, кој ги користеше податоците од 2024 година, истакнува силни резултати кај економиите со средни приходи како што се Кина, Индија, Турција и Виетнам, за кои се наведува дека продолжуваат да се искачуваат на ранг-листата.

Извештајот ги потенцира и Сенегал, Тунис, Узбекистан и Руанда, за кои се вели дека се „појавуваат како динамични и иновативни“.

„GII“ посочува дека Кина е на пат да стане најголем инвеститор во истражување и развој и дека минатата година поднела најголем број пријави за патенти – околу една четвртина од сите меѓународни пријави.


Од друга страна, Германија и САД забележаа пад на бројот на меѓународни патентни пријави, што претставува важен показател за степенот на иновации.

Сепак, во извештајот се додава дека „иако инвестициите во иновации запреле, самите иновации не запреле“.

Севкупно, студијата открива дека технолошкиот напредок останува силен во сите области – освен во процесот на одобрување на нови лекови.