Во Југоисточна Азија се пронајдени најстарите мумии, кои се дури 7.000 години постари од египетските.
Се работи за трупови кои биле сушени на чад, а кои биле пронајдени згрчени и збрчкани, вклучувајќи го и скелетот на маж стар повеќе од 9.000 години, наведоа истражувачите, во најновата студија објавена во „ The Proceedings of the National Academy of Sciences“, пишува „Science News“.
Археологот Сјао-чун Хунг од Австралискиот национален универзитет во Канбера и други истражувачи во студијата наведоа дека најверојатно се работи за ловци-собирачи кои живееле на југот на Кина и Југоисточна Азија и островите пред околу 12.000 до 4.000 години, и кои имале обичај да ги врзуваат мртвите во искривена положби, а потоа и по неколку месеци полека да ги сушат на чад.
Како што е наведено, ова продолжено сушење на телото со чад пред погребот е форма на мумификација историски забележана кај домородните австралиски општества, па дури и денес во некои делови од Нова Гвинеја.
Истражувачите рекоа дека мумификацијата со чад можеби се развила од антички верувања кои се фокусирале на зачувување на телата на предците, а Хунг се сомнева дека тие верувања се прошириле преку Јужна Азија, во Североисточна Азија, откако човечките групи мигрирале од Африка пред околу 60.000 години.
„Фактот дека мумификацијата со сушење со чад се проширила на толку огромна област и опстојувала повеќе од 12.000 години меѓу домородните групи е извонреден“, рече таа.
Од друга страна народот Чинчоро од Јужна Америка, кој живеел во крајбрежната пустина, развил техники на мумификација пред околу 7.000 години, кои вклучувале отстранување на внатрешните органи и мозоци пред телата да бидат оставени на пустинското сонце да се исушат.
Се вели дека употребата на смоли и други балсамирачки супстанции од страна на Египќаните за мумифицирање на мртвите се појавила пред околу 6.330 години.
Групата на Хунг ги проучувала скелетите на поединци закопани во цврсто згрчени или клекнати позиции на 95 локации, од кои многумина во Југоисточна Азија, а други на блиските острови, вклучувајќи ги Борнео и Јава.
Во некои случаи, на черепот или на другите коски биле забележани изгореници.
Истражувачите велат дека неправилната јагленисаност на коските и внимателното поставување на претежно недопрените скелети укажуваат на тоа дека луѓето полека ги загревале телата на мртвите над чаден оган, кој ја сушел и мумифицирал кожата на труповите, помагајќи скелетите да не се распаднат.
Лабораториските техники за одредување на внатрешната молекуларна структура на коските, применети на 54 скелети од 11 локалитети, дале докази за продолжено загревање на ниски температури.