Суви бури без дожд, со мрачно небо и грмежи, се водечки природен предизвикувач на шумски пожари во светот.
Бурите настануваат како последица на пореметувања во атмосферата и се проследени со силни удари на ветер, промени во притисокот и температурата. Нивната сила варира – од мали појави како торнада до огромни системи какви што се тропските циклони, песочни бури… А тука се и сувите бури, за кои сè повеќе се зборува.
Суви бури или буре барут на планетата
Феноменот на сувите бури е погрешно и површно сфатен, а всушност претставува сериозен временски колапс, пишува РТС.
Обично бурите ги следат силни грмежи и молњи кои го расекуваат небото со блесок на светлина, но карактеристика на сувите бури е тоа што нема ниту една капка дожд. Темните облаци се надвиснуваат над земјата што е веќе доста загреана од високите температури, но очекуваниот пороен дожд изостанува.
Временските услови и бурата на небото потсетуваат на сцена од научно-фантастичен филм, но поради недостиг на дожд, сувите бури се еден од водечките природни предизвикувачи на шумски пожари во светот.
Во комбинација со сè почестите и поинтензивни топлотни бранови предизвикани од климатските промени, тие ги претвораат огромните пространства на планетата во буре барут на кое му е потребна само искра.
„Невидлива бариера“
Од гледна точка на атмосферската физика, сите бури во почеток се „влажни“ појави бидејќи настанува кондензација на водена пареа која носи врнежи. Но феноменот е во тоа што се случува со тој дожд пред да стигне до земјата – каде исчезнува.
Кај сувата бура, врнежите што се создаваат во горните слоеви на својот пат кон земјата наидуваат на слој исклучително сув и топол воздух во пониските и средните слоеви.
Оваа „невидлива бариера“ предизвикува капките дожд или кристалите град да испарат целосно пред да допрат до тлото.
Така се создава визуелна завеса од врнежи кои практично висат под облаците, но пред да стигнат до земјата исчезнуваат во воздухот. Овој феномен се нарекува и „дожд на духови“, кој укажува на потенцијално опасни бури.
Топлотните бранови се совршено гориво за сувите бури
Односот меѓу сувите бури и топлотните бранови не е само метеоролошка случајност, туку опасна синергија што создава совршени услови за природни катастрофи од големи размери.