Само една недела пред веста за неговата смрт да одекне низ целиот свет, легендарниот моден дизајнер Џорџо Армани даде интервју за „Фајненшл тајмс“, во кое најави кој ќе ја наследи неговата империја.
Како што откри во тоа интервју, тој планирал постепено да ги предава уздите на компанијата, која генерираше 2,3 милијарди долари во 2024 година и беше единствен нејзин сопственик до крајот на својот живот.
„Моите планови за наследување вклучуваат постепено пренесување на одговорностите што досега ги преземав на Ла Дел’Орка, членовите на моето семејство и тимот на вработени“, изјави Армани за Фајненшл тајмс.
Тој нагласи дека сака преносот да биде „органски“, без ненадејни пресврти, што би можеле да го загрозат креативниот и деловниот континуитет. Сега кога го нема, се отвора прашањето дали компанијата ќе може да функционира точно онака како што тој сакал.
„Мојата најголема слабост е тоа што јас контролирам сè“
До крајот на својот живот, тој не беше само креативен директор, туку и генерален директор и единствен сопственик на компанијата што ја основал пред 50 години.
Еден од ретките случаи кога не се појавил на модна ревија на својата куќа, бил забележан во јуни и јули оваа година, кога бил спречен поради болест, од која никогаш целосно не закрепнал.
„Мојата најголема слабост е тоа што јас контролирам сè“, рече тој во неодамнешното интервју, кое го даде за време на сложениот процес на организирање на голема модна ревија во галеријата Пинакотека Брера во Милано, по повод половина век од постоењето на брендот.
„Го надгледував секој аспект од ревијата преку видеолинк: од пробите, до редоследот на излегување, до шминката. Сè што ќе видите беше направено под мој надзор и има мое одобрение“, рече Армани.
„Напорната работа е клучот до успехот“
Роден е во Пјаченца, околу 65 километри југоисточно од Милано. Неговиот татко бил сметководител во транспортна фирма и го насочил кон медицински студии, што можеби ја објаснува хируршката прецизност и педантната чистота на неговиот стил.
Работел како селектор на стока во стоковната куќа „Ла Ринашенте“ во Милано, а потоа како дизајнер на машка облека за Нино Черути (Nino Cerruti).
Во 1975 година, тој ја основал својата компанија со почетен капитал од 10.000 долари, во канцеларија помала од неговата сегашна бања.
„Мојата цел на почетокот беше да ја изразам мојата визија и да ги облекувам луѓето. На некој начин, тоа сè уште е истата идеја“, рече Армани.
Во една прилика рекол дека неговата омилена дизајнерка била Габриела Шанел, а неговиот стил имал слично влијание врз начинот на облекување на цели генерации.
Ги облекувал жените во костуми кои биле еднакво радикални како креациите на Шанел, создавајќи силна, самоуверена облека што ја одразувала социјалната револуција од 1980-тите.
Спротивно на тоа, тој ја опушти машката мода, деконструирајќи ги традиционално кроените костуми на начин што влијаел на речиси секое сако што се произведува денес.
Неговиот уникатен пристап му донесе милијарди. На пример, само минатата година, нето-приходот на неговата компанија изнесуваше 2,3 милијарди евра.
„Не знам дали би го употребил зборот „работохолик“, но напорната работа дефинитивно е клучот до успехот. Единствено жалам што поминав премногу време работејќи, а недоволно време со пријателите и семејството“, истакна Армани во своето последно интервју.