[ФОТО] Археолозите во Данска откриле населба од камено доба, потопена пред 8.000 години

Точка

26/08/2025

19:11

439

Големина на фонт

а а а

Археолозите откриле населба од камено доба која била потопена од покачувањето на нивото на морето пред повеќе од 8.500 години под водите на Орхускиот залив во северна Данска.

Ова лето, нуркачите нуркале до длабочина од околу 8 метри, во близина на Орхус, вториот по големина град во Данска, како дел од шестгодишен проект за мапирање на делови од морското дно во Балтичкото и Северното Море. Целта е да се истражат потопените северно европски брегови и да се откријат изгубени населби од мезолитската ера.

По последното ледено доба пред околу 8.500 години, огромните ледени покривки се стопиле, а глобалното ниво на морето се зголемило за околу два метра на век, потопувајќи многу населби од каменото доба и принудувајќи ги популациите на ловци-собирачи да се преселат подлабоко во внатрешноста.


Подводниот археолог Питер Мо Аструп, кој ги води ископувањата во Данска, и неговите колеги од Музејот Моесгард во Хејберг, недалеку од Орхус, ископале околу 40 квадратни метри во малата населба што ја откриле недалеку од денешниот брег.

Нуркачите досега откриле животински коски, камени алатки, врвови од стрели, заб од фока и мало парче обработено дрво, веројатно примитивна алатка. Истражувачите го ископуваат локалитетот метар по метар, користејќи еден вид подводна правосмукалка, за да соберат материјал за идна анализа.


За да добијат точна слика за брзото зголемување на нивото на водата, данските истражувачи ја користат дендрохронологијата, проучување на прстените на дрвјата. Потопените трупци од дрвја зачувани во кал и седимент можат прецизно да се датираат, откривајќи кога водата ги потопила крајбрежните шуми.

„Тоа е како временска капсула“, рече Аструп. „Кога нивото на морето се зголемило, сè било зачувано во окружување без кислород“, додаде тој.


Ископувањата во релативно мирниот и плиток Орхуски залив и нуркањето покрај брегот на Германија ќе бидат проследени со подоцнежна работа на две локации во понепријатното Северно Море.

Покачувањето на морското ниво го потопило, меѓу другото, и огромното копнено подрачје познато како Догерленд, кое ја поврзувало Британија со континентална Европа, а сега се наоѓа под јужниот дел на Северното Море.


Истражувачите се надеваат дека ќе фрлат светлина врз тоа како општествата од каменото доба се приспособиле на поместувањето на крајбрежјата пред повеќе од осум милениуми. „Тешко е точно да се каже што значело тоа за луѓето“, рече Мо Аструп. „Но, очигледно имало огромно влијание, бидејќи целосно го променило пејзажот“, нагласи тој.