Значајно археолошко откритие во Обединетите Арапски Емирати ја менува перцепцијата за тоа како и колку далеку се проширило христијанството на Исток. На островот Сир Бани Јас, во близина на Абу Даби, археолози открија уникатна гипсена плоча стара околу 1.400 години, на која е врежан крст, пишува „Тајмс оф Индија“.
Плочата, долга 27 сантиметри и широка 17 сантиметри, е изработена во форма што потсетува на Голгота, местото каде што, според христијанската вера, бил распнат Исус Христос. Од основата излегуваат лисја, што укажува на локални уметнички влијанија.
„Секој детал од крстот инкорпорира регионални обрасци, што покажува дека христијанството не само што постоело, туку и процветало, прилагодувајќи се на локалната средина“, истакна раководителката на ископувањата Марија Газевска.
Археолошкиот тим открил и отисок од прст на занаетчијата што ја изработил плочата, јасно видлив на нејзината заднина. Се смета дека предметот бил поставен на ѕид пред кој верниците се молеле.
History unearthed by the DCT Abu Dhabi team! An ancient cross from a 7th-8th century monastery on Sir Bani Yas Island, our first major dig in 30 years. This discovery highlights the UAE’s legacy of peaceful co-existence. pic.twitter.com/XSP1m7Ul4y
— Department of Culture and Tourism - Abu Dhabi (@dctabudhabi) August 19, 2025
Откритието е направено меѓу остатоците од црква и манастир, што потврдува дека на островот постоела напредна монашка заедница. Градежните остатоци – изработени од варовник и корали – укажуваат на добро организиран живот: со резервоари за вода и пространи одаи.
Се претпоставува дека таму живееле монаси од Источната црква, која се ширела од Блискиот Исток кон Индија и Кина.
„Не зборуваме само за постоење на христијански населби, туку за заедници што навистина процветале“, додава Газевска.
Претседателот на Одделот за култура и туризам на Абу Даби, Мохамед Халифа Ал Мубарак, нагласи дека ова откритие е „силен доказ за длабоките и трајни вредности на коегзистенција и отвореност на ова место“.
Археолозите забележале дека нема траги од насилно уништување. Напротив, зградите биле напуштени уредно, што сугерира дека заедницата можеби планирала повторно да се врати. Во 7 век, христијаните на Сир Бани Јас живееле во мир и хармонија со првите муслимански заедници на Арапскиот Полуостров, што покажува дека културната и верската размена била секојдневие.
Откритието се надоврзува на други слични пронајдоци во Емиратите, Кувајт, Иран и Саудиска Арабија. Тоа сведочи за улогата на Источната црква во поврзувањето на Арапскиот Полуостров со Индија и Азија.
Иако не е познато зошто заедницата на крајот исчезнала, историчарите сметаат дека внатрешните поделби во Црквата, како и новите верски и политички рамнотежи, придонеле за нејзиното напуштање.
The Department of Culture and Tourism – Abu Dhabi has unveiled its latest archaeological discovery: a stucco cross found in the courtyard of a house belonging to an ancient monastery on Sir Bani Yas Island. The discovery is a reminder of the UAE’s rich history.#AbuDhabiCulture pic.twitter.com/7WSThilhRB
— Abu Dhabi Culture (@AbuDhabiCulture) August 19, 2025
Плочата со крстот, заедно со керамика, стаклени предмети и мали садови, ќе биде подложена на дополнителни анализи, вклучително и радиокарбонско датирање. Целта е овие наоди да станат дел од културна рута што ќе ја прикаже сложената историја на Емиратите.
„Овие откритија нè приближуваат до минатото и ги инспирираат идните генерации да го негуваат духот на единство и меѓусебна почит што го карактеризира нашето општество“, изјави Ал Мубарак.