„Opel“ го претстави својот најнов концепт-автомобил – „Opel Corsa GSE Vision Gran Turismo“.
Овој концепт не само што ги најавува идните "GSE" модели, туку и повторно ја потврдува посветеноста на „Opel“ кон сегментот на мали автомобили.
Со својот впечатлив дизајн, импресивна вкупна моќност од 588 kW (800 КС), 800 Nm вртежен момент и максимална брзина од 320 km/h, „Opel Corsa GSE Vision Gran Turismo“ претставува олицетворение на "GSE" под-брендот на перформанси на компанијата.
Технолошка моќ и динамика
Извонредната ефикасност во комбинација со возбудлива динамика на возење е клучна за „Corsa GSE Vision Gran Turismo“. Автомобилот располага со два електрични мотори од по 350 kW (476 КС), по еден на секоја оска, со комбинирана моќност од 588 kW (800 КС).
Дополнително, погонот на сите тркала ја подобрува тракцијата, управувањето и стабилноста на возилото. Во комбинација со едностепен пренос, „Corsa GSE Vision Gran Turismo“ забрзува од 0 до 100 km/h за само две секунди и може да достигне максимална брзина од 320 km/h.
Функцијата „boost“ обезбедува дополнителни 59 kW (80 КС) во траење до четири секунди, што го олеснува претекнувањето. Кога ќе се потроши, функцијата целосно се обновува за 80 секунди.
И покрај батеријата од 82 kWh, автомобилот тежи само 1.170 килограми, благодарение на употребата на лесни материјали.
Дизајн и филозофија
„Opel Corsa GSE Vision Gran Turismo“ ја демонстрира слободата што ја нуди „STLA Small“ платформата во поглед на дизајнот и пропорциите, соопштија од компанијата.
Концептот има слична основа како стандардната "Corsa", но е понизок и значително поширок. Дизајнот ја прикажува новата, технички понагласена изведба на „смелата и чиста“ дизајнерска филозофија на „Opel“. Каросеријата е обликувана со остри и прецизни линии и префинети детали.
На предната страна, најновиот концепт од Риселсхајм има нова, тенка верзија на следната генерација „Opel Vizor“. Осветлениот „Opel Blitz“ гордо стои во центарот на препознатливиот „Opel Compass“ – водечки дизајнерски елемент кој служи како кичма на автомобилот.
Тоа е дополнето со светлосни ленти по хоризонталната оска, кои завршуваат во два тродимензионални стаклени блока. Вертикалната оска е исто така осветлена околу логото "Blitz", а централниот набор се протега од предниот браник до аеродинамички оптимизираната хауба.
Заден дел – смел и прочистен изглед
Овој принцип продолжува и на задниот дел, со карактеристично стоп-светло во форма на компас, изведено со технологија на рабно осветлување. Тоа се комбинира со смел натпис „OPEL“, кој претставува централен елемент на задниот дел.
Широката задна светлосна лента се спојува со задното стакло, давајќи му на автомобилот одважен и прочистен изглед. Севкупно, концептот е дизајниран со „кичма“ која е нагласена и надворешно и внатрешно.