Исландскиот фармер Јомундур Оласон сосема сигурно се запиша во книгата на рекорди со својата „Škoda Octavia“ од првата генерација. За чудо, тоа не го направи со TDI мотор, туку овој пат пофалбите ги добива 2.0-литарската бензинска верзија.
„Octavia“ (Mk1) од 2003 година прво ја возела неговата сопруга, а потоа во 2007 година Јомундур ја презел под свое, користејќи ја главно за патувања до овчарската фарма во Боргарфјердур, но и за подолги патувања низ целиот Исланд.
„Имав неколку автомобили претходно, но ниту еден немаше толку ниски трошоци и толкава сигурност“, се присетува фармерот.
Исландски услови и оригинален мотор
И покрај суровите исландски услови, чакалните патишта и дури превозот на овци, „Octavia“ го задржала оригиналниот мотор, менувач и спојка.
„Рутинското одржување е клучно. Никогаш не сум го форсирал моторот над 3000 вртежи и користев квалитетно масло кое го менував на секои 30.000 километри“, објаснува Јомундур.
Кога достигнал милион километри, на контролната табла се појавиле шест деветки во низа, затоа што километар-саатот едноставно не бил предвиден за седумцифрени бројки.
„Тоа беше неверојатен момент. Ја задржав колата иако сите ми велеа да ја заменам“, гордо вели Исланѓанецот.
Нов живот на рекордната „Octavia“
Автомобилот со рекордна километража сега ќе служи во гимназија во Рејкјавик за изучување на механика, како дел од програмата за автомобилско инженерство.
„Мојата ’Octavia‘ ми служеше долго и добро. Ништо не може да се мери со неа, беше навистина извонредна“, заклучува исландскиот фармер, пренесува „Index“.