„Porsche“ донесе одлука да ја затвори компанијата за батерии „Cellforce“ и да отпушти речиси сите вработени – проектот згасна уште пред да стигне до сериско производство.
Со „Cellforce“, „Porsche“ и матичната компанија „Volkswagen“ („VW“) имаа цел да направат голем пробив на пазарот на електромобилноста.
Меѓутоа, како што пишува „Spiegel“, плановите се срушија: од 286 вработени, околу 200 ќе останат без работа. За разлика од „Porsche“, во оваа подружница нема гаранција за зачувување на работните места.
Загуби и последици
Одлуката претставува сериозен финансиски удар. „VW“ вложи неколку милијарди евра во „Cellforce“, очекувајќи токму оваа фирма да донесе технолошки иновации кои ќе му овозможат на концернот да ја стигне конкуренцијата во производството на електрични автомобили.
Дополнителен проблем претставува фактот што „Cellforce“ доби милионска поддршка од покраината Баден-Виртемберг, па со гаснењето на проектот постои ризик овие средства да бидат побарани назад.
„Porsche“ уште во април најави дека нема да продолжи со „Cellforce“ и се обидуваше да најде нови инвеститори. Се спомнуваше дури и интерес од „BMW“, но договор не беше постигнат. Единствена надеж е што мал дел од истражувачкиот тим би можел да биде задржан.
„VW“ и „Porsche“ во сè подлабока криза
„Volkswagen“ веќе подолго време се соочува со сериозни проблеми, а „Porsche“ на крајот на минатиот месец објави значителен пад на профитот. Освен бавниот премин кон електрични мотори, дополнителен удар пристигна и од САД – новите царини ја влошија деловната состојба, пренесува „Telegraf Biznis“ пишувањето на „Fenix Magazin“.