Погледнете колку чини новиот „Audi“ без прстени во Кина

Точка

21/08/2025

13:21

1.442

Големина на фонт

а а а

Здравата конкуренција го натера „Audi“ да излезе со повеќе од конкурентна цена.

300 коњски сили, досег од 600 километри, богата опрема и логото на „Audi“ на предната маска – во Европа тоа се плаќа повеќе од 50.000 евра. Но, ако ги отстраните прстените на „Audi“ од централното лого и се преселите во Кина, цената е далеку пониска.

Моделот „Audi E5 Sportback“ пристигна во продажба и стартува со изведбата „Pioneer“ со 220 kW (299 КС) и досег од 618 километри според нешто поопуштениот CLTC-стандард. Верувале или не, оваа верзија во Кина чини 235.900 CNY или околу 28.200 евра.


Над него се наоѓа „Pioneer Plus“. Го задржува задниот погон, но моќноста се зголемува на 300 kW (408 КС). Стандардно доаѓа со поголема батерија од 100 kWh, а досегот се искачува на 773 километри. Цената е 32.300 евра.

По иста цена се нуди и „Pioneer Quattro“. Опремен е со помала батерија од 83 kWh, но со два мотора кои заедно произведуваат 386 kW (525 КС) и овозможуваат досег од 623 километри.


На врвот на понудата е „Flagship Quattro“, со почетна цена од 319.900 CNY или 38.200 евра – што и понатаму е мошне поволно. Опремен е со батерија од 100 kWh, има досег од 647 километри и развива импресивни 579 kW (787 КС). Доволно за да забрза до 100 km/h за само 3,4 секунди.

„Audi E5“ од истоимената под-марка е технолошки мошне напреден автомобил. Сериски доаѓа со "LiDAR", три милиметарски радари, 11 камери и 12 ултразвучни сензори за напредниот систем за асистенција на возачот. Станува збор за автомобил долг 4.880 mm, широк 1.959 mm и висок 1.478 mm.


Во внатрешноста доминира огромен 59-инчен екран што се протега низ целата ширина на кокпитот и вклучува приказ за дигитални ретровизори. Кабината е минималистичка за еден „Audi“, обложена со мека кожа и алкантара, а тука се и два безжични полначи за паметни телефони.

Испораките на „E5 Sportback“ треба да започнат веќе следниот месец, а понудата засега е ограничена исклучиво на кинескиот пазар. Моделот се произведува во Кина, во фабриката „SAIC Volkswagen“ во Антинг, Шангај, каде што на производството работат повеќе од 700 луѓе.