Тие ги покриваат лицата, а не нивните понежни половини: Единственото место на светот каде што мажот се смета за „слуга“ на жената

Точка

18/08/2025

20:30

1.621

Големина на фонт

а а а

Туарезите практикуваат ислам, но од пубертет па натаму, лицата ги покриваат мажите, а не жените. Невиноста на невестата не се смета за важна. Мажот може да биде казнет ако се однесува непристојно кон својата жена, а жената може да побара развод и да го исфрли мажот на улица. Поради овие обичаи, Туарезите долго време се сметале за пример на муслимански матријархат, но се покажува дека ситуацијата е покомплексна.

Во Африка живеат повеќе од два милиони Туарези, полуномадски народ кој од дамнина ја населувал пустината Сахара, иако денес многумина од нив се трајно населени и живеат во градови. Туарезите се лесно препознатливи по изгледот – мажите се движат покриени.

Тие самите се нарекувале „луѓе во марами“, додека во западниот свет е прифатен називот „сини луѓе“, бидејќи во минатото нивните марами обично биле обоени во индиго.


Според туарешката традиција, кога момчето ќе достигне зрелост, неговото семејство му приредува церемонија на иницијација. Тогаш добива голема марама. Едниот крај се превива околу главата како турбан, а другиот крај го покрива лицето. Од тој момент, тој се движи покриен целиот живот и многу ретко ја трга марамата. Непристојно се смета, на пример, покажувањето на лицето пред потенцијална вереница или, по венчавката, пред свекрвата.


Иако често се опишува дека кај Туарезите жените владеат, антрополошки извори, како оние забележани од „Encyclopedia.com“, покажуваат дека всушност станува збор за матрилнеарна, а не матријархална култура. Тоа значи дека потеклото и наследството се следат по мајчината линија, а не дека жените имаат целосна политичка моќ.


Во практика, жените навистина уживаат поголеми права отколку во многу други муслимански заедници во Африка. Тие поседуваат своја имот, го задржуваат и по разводот, а бракот можат да го раскинат по своја одлука, што го потврдуваат и записите на „Mongabay.com“. Токму таа слобода во изборот на партнер и имотната независност придонеле за сликата за Туарезите како „народ каде мажите служат на жените“.


Сепак, како што наведува и „National Geographic“, формалната политичка власт во заедницата сè уште припаѓа на мажите, додека жените имаат пресудна улога во зачувувањето на културните обичаи, водењето на домаќинството и пренесувањето на јазикот тамахак, кој се учи првенствено од мајката.


Машкиот вел, познат како тагелмус или литам, има двојна улога. Практично, го штити од пустинското сонце и ветер, а симболично, означува премин од детство во зрелост и претставува знак на чест и почит. Според истражување објавено на „Qantara.de“, велот не се трга дури ни во присуство на повеќето членови на семејството, а особено се внимава младоженецот да не го тргне пред жените од семејството на својата сопруга.


Денес, бројот на Туарезите се мери во милиони, и тие продолжуваат да живеат расфрлани низ Сахара и Сахел. Своите обичаи ги прилагодуваат на современиот живот, но сè уште го чуваат она што ги прави единствени во светот – маж со вел преку лицето и жена која слободно го покажува своето лице.