Според наводите на надлежните, дијамантот којшто го пронашла оваа девојка е трет по големина од вкупно 366-те откриени во паркот годинава.
Девојката Мишер Фокс (31) од Њујорк, пронашла дијамант од 2,3 карати во американскиот државен парк „Кратер од дијаманти“ во сојузната држава Арканзас, по што го искористила за веренички прстен.
Таа поминала повеќе од една недела во потрага по скапоцени камења во единствениот јавен рудник на дијаманти на светот, а среќата ѝ се насмевнала последниот ден од престојот.
Дијамант трет по големина
„Никогаш претходно не сум држела вистински дијамант во рацете, па не бев сигурна, но тоа беше најдијамантскиот дијамант којшто некогаш сум го видела“, изјавила Фокс.
Според наводите на надлежните, дијамантот којшто го нашла оваа девојка е трет по големина од вкупно 366-те откриени во паркот годинава.
Паркот „Кратер од дијамантите“ се протега на 37 хектари на еродиран вулкански кратер во близина на градот Мурфисборо.
Единствениот парк на светот
Овој парк е единствен во светот затоа што посетителите можат да го задржат секој камен или минерал којшто ќе го најдат.
Дури дозволено е и користење на сопствени алати за копање, но без електрични или моторизирани уреди.
Од 1906 година кога таму бил откриен првиот дијамант пронајдени се над 75.000 парчиња. Најголемиот којшто некогаш бил ископан има 40,23 карати и е познат под името „Вујко Сем“.
„Ако сакате да најдете свое „богатство“, најдобро е да дојдете по дожд“, вели управникот на паркот, Вејмон Кокс.
„Голем дел од најголемите дијаманти во паркот се пронајдени на самата површина. Кога врне во областа за пребарување дождот ја „мие“ земјата и ги разоткрива потешките камења, минерали и дијаманти кои се блиску до површината“, објаснува тој.
Влезницата за копање дијаманти изнесува 15 долари за возрасни и 7 долари за деца.