Во Кируна, Шведска започна преместувањето на црква стара 113 години, за да се зачува од свлечиштето и да се направи место за проширување на големиот подземен рудник за железна руда
Во шведскиот град Кируна овие денови се одвива необичен настан – преселување на голема дрвена црква тешка дури 672 тони.
Илјадници луѓе се собраа во вторникот за да го набљудуваат спектаклот во кој црквата, изграденa далечната 1912 година во стил на национален романтизам, се пренесува на посебна платформа низ градот.

Причината за оваа операција е тоа што теренот во Кируна станал нестабилен поради интензивното подземно копање железна руда. Бидејќи се работи за најголемиот рудник од ваков вид во светот, градот пред неколку години започна проект за префрлување на целиот центар неколку километри источно за да се спречат лизгања на земјиштето и урнисување на објектите.
На снимките на локалната телевизија се гледа како црквата полека се движи по улиците со брзина од околу 500 метри на час, а се проценува дека целото преселување ќе трае два дена.
Настанот привлече внимание на јавноста и се претвори во еден вид фестивал.
Се очекува доаѓањето на шведскиот крал Карл XVI Густав, а во вторник навечер во Кируна е планиран и концерт на групата KAJ, која оваа година ја претставуваше Шведска на Евровизија.