Даниел основаше своја држава меѓу Србија и Хрватска! Има валута, претседател и проблеми со соседите

Точка

19/08/2025

18:05

1.723

Големина на фонт

а а а

Таа се вика Слободна Република Вердис и денес има свое знаме, кабинет, валута и речиси 400 граѓани.

Даниел Џексон (20) од Австралија ја привлече вниманието на светската јавност откако сам се прогласи за претседател на самопрогласена држава сместена на ничија земја – меѓу Хрватска и Србија. Тој ја нарече Слободна Република Вердис, која денес има свое знаме, влада, валута и речиси 400 граѓани.

Држава во „сива зона“

Медиумите пишуваат дека Вердис е самопрогласена микродржава која зафаќа 125 хектари шума покрај реката Дунав. Станува збор за територија која се наоѓа во правна „сива зона“, позната како „џеб три“, што официјално не ја признаваат ниту Хрватска ниту Србија, пренесува „Danas.hr“.


Идеја од детството

Како што наведува „New York Post“, Џексон дошол на оваа идеја кога имал само 14 години, откако открил дека ниту една соседна држава не полага право врз тоа подрачје поради граничниот спор.

„Вердис беше идеја што ја добив кога имав 14 години. Во почетокот тоа беше само мал експеримент со неколку пријатели. Сонувавме да создадеме нешто лудо“, изјави Џексон, кој денес има 20 години.

Од својата 18-та година, младиот Австралиец, инаку дигитален дизајнер што создава виртуелни светови на платформи како „Roblox“, започнал со конкретни чекори.

Градење држава

Независноста на Вердис ја прогласил на 30 мај 2019 година. „Почнавме да го претвораме Вердис во реалност кога имав 18 години, со тоа што создадовме закони и знаме. Денес имаме влада и одличен кабинет“, објаснува Џексон.

Тој тврди дека микродржавата брои околу 400 граѓани ширум светот и дека секој од нив има пасош. Џексон дури посочува дека некои успеале со тој пасош да влезат во други земји.

„Ова е многу мала земја и мораме да бидеме внимателни кого прифаќаме. Предност имаат лица со барани вештини, како медицинско или полициско искуство“, изјави тој за „SWNS“.

Официјални јазици се англиски, хрватски и српски, а валутата е евро.

Депортација од Хрватска

До Вердис може да се стигне само со брод од Осиек. Во 2023 година Џексон се обидел физички да го насели подрачјето, но хрватската полиција го уапсила и депортирала заедно со неколку негови поддржувачи.

Тој тврди дека му е доживотно забранет влез во Хрватска. „Не можеа да ни кажат зошто, само рекоа дека сме закана за националната безбедност“, рече тој.

Во јули оваа година на својот профил на „X“ објави видео каде, како што тврди, хрватската гранична полиција го брка. „Хрватската гранична полиција ме протера од водите на Вердис, што е прекршување на меѓународното право, бидејќи Хрватска нема право на Вердис. Сега сум безбеден во Србија“, напиша Џексон.

Влада во егзил

Во моментов управува со она што го нарекува „влада во егзил“ и тврди дека хрватските власти ја засилиле патролата покрај границата за да го спречат влезот од српска страна. „Не нè прифатија и беа агресивни“, вели тој.

Според „SWNS“, Џексон сега често патува во Белград, каде што, како што тврди, наишол на поотворен однос кај тамошните официјални лица.

„Не ме интересира власт“

И покрај тензичните ситуации, Џексон се надева дека еден ден ќе живее во Вердис и ќе воспостави „мирни дипломатски односи“ со двете соседни држави.

„Ако успеам, би се повлекол од позицијата и би распишал избори. Власт не ме интересира … Сакам да бидам нормален граѓанин. Ова ми ги отвори очите и горд сум на она што го постигнав“, изјави Џексон.

Тој е убеден дека не е прашање дали, туку кога повторно ќе стапне во Вердис.

„Со голо око тоа изгледа како обична шума, но кога ќе сфатите дека сте во земја што самите сте ја создале – тоа е магично“, додаде тој.