Книга позајмена од jавната библиотека во Сан Антонио, Тексас е вратена по неверојатни 82 години. Интересно писмо пристигнало со неа, објавува „АП“.
Станува збор за книгата „Вашето дете, неговото семејство и пријатели“ од Франсис Брус Стрејн, советник за брак и семејни односи.
Споменатата книга била изнајмена во јули 1943 година, а вратена во јуни оваа година – по пошта од американската држава Орегон.
Во придружното писмо, кое библиотеката го објави на Инстаграм, испраќачот се потпишал со иницијалите Р.А.А.Г. и објаснил како ја добил книгата: „По неодамнешната смрт на мојот татко, наследив неколку кутии со книги што ги оставил зад себе“.
Тој додава дека книгата најверојатно била изнајмена кога неговиот татко имал единаесет години.
„Мора да ја позајмила мојата баба, Марија дел Сокоро Алдрете Флорес (Кортез). Таа година се преселила во Мексико Сити за да работи во Американската амбасада. Веројатно ја зела книгата со себе тогаш, а заврши кај мене 82 години подоцна“, напишал тој.
Испраќачот на крајот од писмото заклучил: „Се надевам дека нема да има казна, бидејќи баба повеќе нема да може да ја плати.“
Библиотеката во Сан Антонио се откажа од сите казни за доцнење на книгите во 2021 година. Сепак, има интересен детаљ на внатрешната страна од корицата, каде што има предупредување дека „казната е три центи на ден“. Без да се земе предвид инфлацијата, тоа би изнесувало речиси 900 долари денес.
Доколку таа бројка се прилагоди на вредноста на денешните пари – според буџетот на Бирото за статистика на трудот на САД – три центи од јули 1943 година се еднакви на 56 центи денес. Броејќи ги сите денови, казната би изнесувала повеќе од 16.000 долари!