Дали на вашето тело му недостига магнезиум? Прочитајте кои се главните симптоми

Точка

13/08/2025

17:21

1.033

Големина на фонт

а а а

Магнезиумот често се нарекува природен лек за различни тегоби, но останува прашањето – дали навистина треба да се внесува во форма на додатоци во исхраната?

Овој важен минерал учествува во повеќе од 300 ензимски процеси во телото – од производство на енергија, преку работата на мускулите и нервите, до регулирање на крвниот притисок. Ексертите објаснуваат кога е потребна суплементација и на што треба да се внимава, пренесува „Fox News Digital“.

Покрај тоа што може да го намали ризикот од одредени заболувања, магнезиумот придонесува за подобар сон, го намалува стресот и анксиозноста и помага при ноќни грчеви во мускулите. Според д-р Хедер Виоли, тој е важен за правилната работа на срцето, спречува аритмии, ги зајакнува коските во комбинација со калциум и витамин D, како и за чувствителноста на инсулин и метаболизмот на гликоза.

Фармацевтката Елеани Кватроки додава дека магнезиумот може да го ублажи запекот, да спречи мигрени и да ги намали симптомите на ПМС.


Знаци на недостаток на магнезиум

Многу луѓе не внесуваат доволно магнезиум преку исхраната. Долготрајниот низок внес може да го зголеми ризикот од заболувања како хипертензија, кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2, мигрени и остеопороза.

Симптомите може да вклучуваат несоница, грчеви во мускулите, запек, мачнина, замор, слабост, пецкање, промени во расположението и срцеви аритмии. Иако нивото на магнезиум може да се провери со крвни тестови, тие не се целосно прецизни бидејќи најголемиот дел од минералот се наоѓа внатре во клетките. На недостаток може да влијаат и состојби како целијакија или „Кронова болест“, алкохолизам и одредени лекови.

Колку магнезиум е потребно?

Препорачаниот дневен внес за возрасни жени е 310 – 320 mg, а за мажи 400 – 420 mg. Најмногу го има во растителни намирници: семки од тиква (две лажици содржат 156 mg), чиа семки, путер од кикирики, банани, авокадо, бадеми, црн грав, лиснат зеленчук како спанаќ, цели житарки и темно чоколадо.


Кога да се посегне по додатоци?

Исхраната е најдобриот начин за внес на магнезиум, но додатоците се препорачуваат ако постои потврден недостаток или здравствена состојба што предизвикува губење на магнезиум, на пример при алкохолизам. Лекарите ги пропишуваат и на лица кои земаат лекови што ги намалуваат резервите на овој минерал.

Со додатоците сепак треба да се биде внимателен. Прекумерниот внес на магнезиум од суплементи може да предизвика дијареја, мачнина и летаргија. Вишокот внесен преку храната, телото обично го исфрла преку бубрезите.

Додатоците се продаваат во различни форми: магнезиум цитрат – помага при запек, глицинат и тауринат – имаат смирувачки ефект и го подобруваат сонот, а L-треонат – може да придонесе за здравјето на мозокот. Пред започнување со суплементација, важно е да се консултирате со лекар, бидејќи магнезиумот може да влијае на дејството на одредени лекови и здравствени состојби.