Проучувањето на фосилизирано ткиво би можело да им ја открие на научниците еволуциската историја на ракот и начинот на кој различни видови се справувале со него низ времето.
Научниците со децении се обидуваат да пронајдат што е можно подобри и поефикасни лекови и терапии за борба против различните видови рак. Но, сега се чини дека клучот за борба против оваа болест може да се крие во фосили стари речиси 70 милиони години.
Имено, истражувачи откриле фосил од мал диносаурус кој, според нив, имал мал тумор. Тоа сугерира дека дури и диносаурусите можеби се соочувале со рак, а тоа откритие може да отвори сосема нови правци во разбирањето на болеста кај луѓето.
Ова, потенцијално, може да ни покаже како се развивала болеста, како различни организми природно се справувале со неа, и како тој увид може да доведе до нови, подобри лекови.
Истражувањето комбинира теории за животниот циклус со напредни протеомски методи, со цел да открие како еволутивните компромиси влијаеле врз подложноста на рак, и можеби ќе открие нови механизми за сузбивање на болеста.
Научниците нагласуваат дека зачувувањето на фосилизирани ткива, како и развојот на прецизни протеомски техники, се клучни за подобро разбирање на еволуцијата на ракот и унапредување на современата превенција и третман на болеста.
Одговорите можеби се закопани во минатото
Познато е дека некои животни, како слонови и китови, ретко заболуваат од рак, а проучувањето на фосилизирани ткива може да ни открие зошто и како тоа е можно, што би помогнало да се развијат нови стратегии за борба против ракот кај луѓето.
Научниците посочуваат дека фосилите кои денес ги анализираме можеби нема веднаш да ги откријат сите свои тајни, но нивното внимателно зачувување во оптимални услови е клучно за идните откритија кои можат целосно да го променат нашето разбирање на еволуцијата на оваа болест.
Истражувачите истакнуваат дека оваа студија има значење не само за палеонтологијата, туку и за модерната компаративна онкологија.
Со проучување на древни механизми за сузбивање на тумори, можно е да се откријат биолошки стратегии кои би можеле да инспирираат нови пристапи во лекувањето на ракот кај денешните живи видови.
Дополнително, разбирањето на тоа како факторите од животната средина влијаеле на појавата на рак во предисторијата, може да ни помогне подобро да ги разбереме современите механизми на настанување на рак и еколошките предизвикувачи на болеста.
Потребен е заеднички и интердисциплинарен напор
За да се реализираат овие цели, потребен е интердисциплинарен пристап, заедничка работа, како и посебна посветеност на зачувувањето и анализата на фосилизирани меки ткива.
„Со заеднички напори за документирање, зачувување и анализирање на фосилизирани меки ткива, можеме да ја откриеме молекуларната историја на древните болести и да придонесеме кон **еволутивната биологија и модерната медицина“, заклучуваат авторите на студијата, објавена во списанието "MDPI Biology".