Нова студија за кравите: Можат да препознаат познати лица

Точка

22/05/2026

08:38

386

Големина на фонт

а а а

Авторите на студијата дошле до овој заклучок врз основа на проучување на крави на кои им покажувале видеоснимки и ги следеле нивните реакции, пишува „Шпигел“.

Препознавањето на други живи суштества е исто така централен механизам кај животните, велат истражувачите од Универзитетот во Тур во Франција.

За својата студија, авторите собрале податоци за 32 крави од холштајнска раса, една од најважните млечни раси во светот. На животните најпрво истовремено им прикажувале видеоснимки со придушен звук, еден со познато и еден со непознато машко лице.


Веднаш потоа, повторно им ги прикажувале видеоснимките поединечно, овој пат со звук и тоа еднаш со звук што одговарал на прикажаното лице и еден со другото лице. Звукот бил малку несинхронизиран, така што кравите не можеле да го поврзат движењето на усните со говорот.

Потоа, истражувачите мереле колку долго кравите ја гледале секоја видеоснимка. Исто така ги мереле и отчукувањата на срцата на животните додека ги гледале видеоснимките и се покажало дека кога кравите гледале видео без звук, значително подолго го набљудувале непознатото лице во споредба со познатото.

Според истражувачите, ова сугерира дека се во состојба да разликуваат познати и непознати луѓе исклучиво врз основа на видеоснимки од нивните лица. Кога видеоснимката била комбинирана со звук, животните поминувале повеќе време гледајќи во видеото ако гласот одговарал на лицето, поради што научниците заклучиле дека кравите можат да поврзат познати и непознати гласови со соодветно лице.


Отчукувањата на срце, кои требало да покажат дали кравите емоционално реагирале за време на експериментот останале непроменети цело време. Аворите на студијата наведуваат дека видео и аудиоснимката не претставуваат целосна интеракција со човек. Резултатите сепак укажуваат на тоа дека кравите можат да разликуваат познати и непознати луѓе дури и на видеоснимка, како и да ги идентификуваат луѓето врз основа на лице и глас.

Меѓутоа тимот истражувачи нагласи дека се потребни дополнителни истражувања.


Подоброто разбирање како кравите ги перципираат и разликуваат луѓето би можело да придонесе за развој на сточарски практики што посилно вклучуваат интеракции меѓу луѓето и животните, пренесе „Шпигел“.