Научниците ги проучуваат меурчињата на китовите како модел за контакт со вонземјани

Точка

11/06/2025

17:56

1.074

Големина на фонт

а а а

Звучи како шега, но не е – истражувачите од Институтот „SETI“, на Универзитетот во Калифорнија, Дејвис (UC Davis) и неколку партнерски институции веруваат дека проучувањето на меурчињата што ги испуштаат китовите би можело да помогне во подготовката за евентуален контакт со вонземјани.

Во неодамнешен труд објавен во списанието „Marine Mammal Science“, научниците го опишувале однесувањето на грбавите китови, кои испуштаат меурчиња во облик на прстен за време на пријателски средби со луѓето. Иако ова однесување можеби не изгледа особено необично, авторите на студијата велат дека дава увид во формите на нечовечка интелигенција, што би можело да има важни импликации за потрагата по вонземски живот.

Меурчиња ги користат за лов или натпреварување за женки

„Со оглед на моменталните технолошки ограничувања, клучно е да се претпостави дека вонземската интелигенција, доколку постои, би сакала да воспостави контакт и притоа да ги таргетира човечките приматели“, рече Лоренс Дојл, научник во Институтот „SETI“ и еден од авторите на студијата. „Оваа претпоставка секако е поткрепена од независната еволуција на љубопитното однесување кај грбавите китови“.

Документирано е дека грбавите китови користат меурчиња за да создадат мрежи за лов или за да се натпреваруваат за женки, но новата студија се фокусира на ослободување на меурчињата во облик на прстени за време на мирни, пријателски интеракции со луѓето. Дојл и неговите колеги анализирале 12 такви ситуации во кои биле вклучени вкупно 11 китови и 39 меурчиња, за кои веруваат дека може да претставуваат форма на игра или обид за комуникација.

„Меурчињата им служат за да стапат во некаков вид комуникација“

Џоди Фредијани, коавторка на студијата и фотографка на морски диви животни на Универзитетот во Калифорнија, Дејвис, истакна дека грбавите китови често покажуваат љубопитно и пријателско однесување кон чамците и пливачите.


„Грбавите китови живеат во сложени општества, комуницираат со различни звуци, користат меурчиња како алатки и им помагаат на други видови кои се нападнати од предатори“, додаде Фред Шарп, исто така коавтор на студијата на Универзитетот во Калифорнија, Дејвис. „Сега, слично на сигналите што би можеле да ги толкуваме како пораки од вонземјани, покажуваме дека тие испуштаат меурчиња во наша насока, во очигледен обид да си играат, да ја набљудуваат нашата реакција и/или стапуваат во некаков вид комуникација“.

Каква врска има ова со вонземјаните?

Научниците веруваат дека ако некој случајно дојде во контакт со вонземски суштества, нивната форма на комуникација би можела да биде многу различна од сè што им е познато на луѓето. Со анализа на комуникациските системи на интелигентните нечовечки суштества – како што се китовите кои испуштаат меурчиња во интеракцијата со луѓето – можно е да се прошири нашето разбирање за непознатите форми на комуникација и попрецизно да се утврди на што треба да се посвети внимание во потрагата по живот надвор од Земјата.


Целта е подобра подготовка во случај на контакт. Едноставно кажано – меурчињата што ги испуштаат китовите би можеле да нѝ помогнат во разбирањето на јазикот на вонземјаните.

Овој пристап е најновиот во серијата обиди за симулирање на вонземски сценарија и развивање хипотези за тоа како човештвото би можело да воспостави контакт со вонземска цивилизација.