Подземни контејнери како одговор на загадувањето: Како оваа европска престолнина се бори за почист град?

Точка

26/05/2025

16:59

454

Големина на фонт

а а а

Бриселската општина Иксел ја разгледува можноста за поставување подземни контејнери за отпад како алтернатива на оставањето кеси со ѓубре на улиците, како дел од својот план за чистота на општината.

Многу политички партии во Брисел зазедоа цврсти ставови во врска со чистотата и одржувањето пред локалните избори во октомври.

„Ќесите со ѓубре на улиците се минато. Треба да се угледаме на многу европски метрополи кои користат подземни контејнери. Добро е што општина Иксел сериозно ја разгледува оваа можност и сака да преземе чекори“, рече советникот од Иксел, Жерар Остервејк (Вуруит), пренесе „Брисел тајмс“.


Во име на општинскиот совет на Иксел, советникот за чистота Жофруа Кенсије (Les Engagés) истакна дека Иксел сака да биде лидер во бриселскиот регион кога станува збор за чистота. При креирањето на локалниот план за чистота, Кенсије рече дека сите опции се на маса и дека се анализираат системите за собирање отпад од другите европски градови во потрага по решенија.

Конкретно, подземните контејнери веќе можат да бидат вклучени во плановите за нови населби и нови градежни проекти, нагласи тој. Плановите за пилот-проект за употреба на контејнери за отпад кај трговците околу гробиштата во Иксел веќе се разгледуваат, со цел да се намали бројот на кеси со ѓубре на улиците.


Сепак, за општото воведување на подземни контејнери во Иксел, сè уште има многу пречки што треба да се надминат – како финансиски така и оперативни, рече Кенсије. Во врска со тоа, општинскиот совет сака да започне консултации со бриселскиот регион и да ја истражи можноста за јавно-приватно партнерство со цел да се најдат креативни решенија како алтернатива на кесите со ѓубре на улиците.

Во март минатата година, бриселскиот министерот за јавен ред, Ален Марон (Ecolo), побара студија за можна транзиција кон употреба на подземни контејнери. Иако студијата покажа дека системот има многу предности, постојат и бројни проблеми што треба да се решат пред системот да може да се воведе во главниот град на Белгија, изјави тогаш Марон. Покрај решавањето на проблемот со ќесите со ѓубре на улиците, подземните контејнери имаат голем капацитет (особено ако имаат систем за компресија) и зафаќаат малку простор – што ги прави особено погодни за густонаселени подрачја и како што истакнуваат тоа е една од најголемите предности.


Меѓутоа, пронаоѓањето на простор за инсталирање на подземна точка за собирање отпад претставува клучен предизвик. Исто така, ваквите зони за сортирање бараат значителни инвестиции и трошоци за одржување: за воведување на таков систем во Брисел, би биле потребни помеѓу 3.000 и 4.000 места за сортирање, со по четири контејнери за различни видови отпад – што значи вкупно помеѓу 12.000 и 16.000 контејнери.

Марон истакна дека резултатите од првичната студија покажале дека многу зависи од начинот на кој е воведена мрежата на контејнери, вклучително и информирањето на жителите кои го користат системот и стимулациите за правилно ракување со отпадот.

Сè на сè, тој потоа истакна дека регионот на Брисел најверојатно ќе се движи кон подземен систем, но нагласи дека конечната одлука зависи од следната влада. Сепак, речиси една година по изборите, формирањето на владата сè уште не ни блиску до завршување.