Порастот на нивото на морето станува незапирлив, светот се соочува со „катастрофални миграции“

Точка

22/05/2025

19:35

1.186

Големина на фонт

а а а

Зголемувањето на нивото на морето ќе предизвика последици што ќе бидат невозможно да се ублажат дури и при пораст на температурата од само 1,5 степени Целзиусови, што би можело да доведе до „катастрофални миграции“, предупредува нова студија. Овој сценарио би можел да стане реалност дури и со просечниот пораст на глобалната температура од 1,2 степени во последната деценија.

Губењето на мраз од огромните ледени покривки на Гренланд и Антарктикот е зголемено за четири пати од 90-тите години наваму, како резултат на климатската криза, и денес е главен двигател на растот на нивото на морето, пренесува "The Guardian".

Меѓународната цел за задржување на глобалното затоплување под 1,5 степени веќе е речиси недостижна. Сепак, новата анализа покажува дека дури и ако емисиите од фосилни горива брзо се намалат според таа цел, нивото на морето сепак би се зголемувало за еден сантиметар годишно до крајот на векот – побрзо отколку што земјите би можеле да изградат заштитни ѕидови и насипи покрај бреговите.

Светот се движи кон пораст на температурата од 2,5 до 2,9 степени, што речиси сигурно би предизвикало точка на пресврт и колапс на ледените покривки на Гренланд и западниот дел на Антарктикот. Нивното топење би довело до застрашувачко зголемување на нивото на морето од 12 метри.


Во моментов, околу 230 милиони луѓе живеат на висина од еден метар над актуелното ниво на морето, а дури една милијарда луѓе живеат до 10 метри над него. Дури и пораст од само 20 сантиметри до 2050 година би предизвикал глобални штети од поплави во износ од најмалку 1.000 милијарди долари годишно само во 136-те најголеми крајбрежни градови и огромно влијание врз животот и егзистенцијата на луѓето.

Сепак, научниците нагласуваат дека секој дел од степенот глобално затоплување што може да се избегне преку климатска акција и натаму е важен, бидејќи го забавува растот на нивото на морето и дава повеќе време за подготовка, со што се намалуваат страдањата кај луѓето.


Mиграции какви што досега не сме виделе

Порастот на нивото на морето е најголемата долгорочна последица од климатската криза, а истражувањата во последните години покажуваат дека тој се случува многу побрзо отколку што се мислеше претходно. Прагот од 1,5 степени се сметаше за начин да се избегнат најлошите последици од глобалното затоплување, но новите истражувања покажуваат дека тоа не важи кога станува збор за порастот на морското ниво.

Истражувачите велат дека е тешко да се утврди „безбедната граница“ на температура за ледените покривки, но таа најверојатно е уште пониска од еден степен. Порастот на нивото на морето од најмалку еден до два метра сега се смета за неизбежен.

„Она што го нарекуваме безбедна граница е онаа што овозможува некаков степен на адаптација со цел да се спречат катастрофални присилни миграции. Таа граница е приближно еден сантиметар пораст на нивото на морето годишно. Ако се надмине оваа стапка, тогаш секој вид адаптација станува исклучително предизвикувачки, и ќе бидеме сведоци на масовни миграции во размери какви што човештвото досега не ги доживеало“, изјави професорот Џонатан Бамбер од Универзитетот во Бристол, Велика Британија.


Развиените земји како Холандија, кои имаат искуство во справување со поплавни бранови, ќе бидат во подобра позиција отколку земјите во развој како Бангладеш, додаде тој.

Водечкиот автор на студијата, професорот Крис Стоукс од Универзитетот во Дурам, вели дека веќе може да се забележи како најлошото сценарио полека се остварува пред наши очи.

Просечната глобална температура во 2024 година за првпат достигна 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво. Сепак, меѓународната цел се мери како просек во период од 20 години, па сè уште официјално не се смета дека границата е надмината