ОН предвидува досега незабележано затоплување на планетата во следните пет години

Точка

28/05/2025

10:19

681

Големина на фонт

а а а

Се очекува дека просечното глобално затоплување ќе ја надмине прединдустриската просечна температура за повеќе од 1,5 Целзиусови степени во периодот од 2025 до 2029 година, со 70% сигурност, предвидува Светската метеоролошка организација (WMO), агенција на Обединетите нации.

Ова значи дека планетата веројатно ќе остане на историски високо ниво на загревање и по двете најтопли години досега забележани во историјата — 2023 и 2024 година — како и во најтоплото децение досега, стои во извештајот што го објави "WMO" врз основа на анализи од десет меѓународни прогностички центри, вклучувајќи го и британскиот Метеоролошки завод.

„Токму што ги преживеавме десетте најтопли години во историјата. А, за жал, овој извештај на "WMO" не покажува знаци за пауза“, изјави заменик-генералниот секретар на организацијата, Ко Барет.


Целите на Парискиот договор се сè потешко достижни

Затоплувањето од 1,5°C се пресметува во однос на периодот од 1850 до 1900 година, пред индустриската револуција и зголеменото согорување на јаглен, нафта и гас — процеси кои ослободуваат јаглерод диоксид, гас со силен ефект на стаклена градина кој е клучен за климатските промени.

Овој праг од 1,5°C е најоптимистичката цел поставена со Парискиот договор од 2015 година, но сè повеќе климатолози сметаат дека тој е веќе недостижен, бидејќи глобалните емисии на CO₂ сè уште не почнале да опаѓаат, а дури и продолжуваат да растат.

„Ова е сосема во согласност со фактот дека се приближуваме кон надминување на границата од 1,5°C до крајот на 2020-тите или почетокот на 2030-тите“, вели климатологот Питер Торн од Универзитетот Мејнут во Ирска.


Прва прогноза за загревање од 2°C

Иако е „исклучително малку веројатно“, "WMO" сега предупредува дека постои (1%) шанса барем една од следните пет години да ја надмине границата од 2°C глобално затоплување.

„Ова е првпат тоа да се појави во нашите прогнози“, изјави Адам Скејф од британскиот Метеоролошки завод. „Тоа е шок“, рече тој, „иако знаевме дека е можно во оваа фаза“.

Тој потсети дека пред една деценија прогнозите за првпат покажале, тогаш исто така „многу мала“, веројатност дека некоја година ќе ја надмине границата од 1,5°C. Тоа првпат се случи во календарската 2024 година.


Дополнителното затоплување значи повеќе екстремни настани

Секој дел од степен повеќе може да ги засили топлотните бранови, екстремните врнежи, сушите, топењето на мразот и глечерите, како и исчезнувањето на морскиот мраз.

Ниту 2025 не нуди оддишка.

Минатата недела, делови од Кина забележаа температури над 40°C, Обединетите Арапски Емирати речиси 52°C, а Пакистан беше погоден од смртоносни ветрови по интензивен топлотен бран.

„Веќе достигнавме опасно ниво на глобално затоплување“, предупреди климатологот Фридерике Ото од Империјал колеџ во Лондон, посочувајќи на неодамнешните „смртоносни поплави во Австралија, Франција, Алжир, Индија, Кина и Гана“, како и „шумските пожари во Канада“.

„Континуираното потпирање на нафта, гас и јаглен во 2025 година е апсолутно лудило“, додаде таа.