Археолозите во Турција пронашле леб стар 5.000 години, а откритието го поттикна интересот за одгледување древни сорти пченица кои се подобро приспособени на суша.
„Ова е најстариот печен леб со квасец откриен за време на ископувањата, кој во голема мера го зачувал својот облик“, рече Мурат Тирктеки, археолог и водач на ископувањата во близина на градот Ескишехир, во централна Турција.
„Лебот е ретко откритие за време на ископувањата. Обично се наоѓаат само трошки, но тука бил зачуван бидејќи бил запален и закопан“, рече археологот.
Тркалезниот леб, рамен како палачинка, со дијаметар од 12 сантиметри, бил пронајден во септември 2024 година. Бил карбонизиран и закопан под прагот на куќа од бронзено време, околу 3.300 година пр. н. е.
Археолозите веруваат дека лебот, од кој едно парче било откинато, бил закопан за време на изградба на куќа и бил дел од ритуал на изобилство.
Анализата покажала дека лебот бил направен од грубо мелена тврда пченица, древна сорта пченица и зрна од леќа, а како квасец бил користен лист од неидентификувано растение.
Од минатата недела, во локалната пекара „Халк Екмек“ се месат и лепчиња според рецептот за леб од бронзеното време.
Комбинацијата од древна сорта пченица, леќа и булгур, која по анализата се чинеше дека е најблиску до рецептот од бронзеното време, дава богат леб со малку глутен и без конзерванси, а лепчињата од 300 грама, со цена од 50 турски лири (околу 1,12 евра), биле распродадени за само неколку часа.
Покраината Ескишехир, некогаш богата со бројни извори на вода, сега се соочува со суша.
„Се соочуваме со климатска криза, но сè уште одгледуваме пченка и сончоглед, на кои им е потребна многу вода. Нашите предци нѝ одржаа лекција. Ние, како нив, треба да се свртиме кон култури на кои им е потребна помалку вода“, рече градоначалничката на Ескишехир, која се обидува да го оживее одгледувањето на древна сорта пченица, отпорна на суша и болести, во нејзиниот регион.
Лебот од бронзеното време е изложен во Археолошкиот музеј во Ескишехир од минатата недела.