Часовниците обично служат за да го покажуваат времето — но, ако го прашате шведскиот бренд "Our Legacy", тоа не е секогаш задолжително.
Тие го претставија моделот "No Time Watch", и името не е шега — овој часовник навистина не го покажува времето, бидејќи едноставно не е функционален. Не прави ништо и токму во тоа е целата негова поента. Според брендот, станува збор за аксесоар чија единствена цел е декоративна.
Изработен е од брусено сребро (925 стерлинг) и доаѓа со луксузно кожно ремче од "Horween Chromexcel" кожа. Има релјефни ознаки за часови, но нема никаков механизам. Секој примерок е рачно изработен во Португалија, па се очекуваат мали разлики помеѓу поединечните часовници.
„No Time Watch“ не е создаден за да покажува време — неговата улога е само да изгледа добро на зглобот.
Цената на овој аксесоар е 790 евра, што е прилично многу за нешто што не врши никаква функција, освен што, евентуално, изгледа убаво.
„Ова е неверојатно глупаво. 1000 долари за часовник кој нема никаква функција? Завршив со ’модата‘“, „Тотална глупост“, „Браво“, „Разочаран сум. Жал ми е што бренд како "OL" реши да тргне по овој пат – скапа бесмислица без вистинска цел. Можеби "LVMH"-инвестицијата им удри во глава“, се дел од коментарите на корисниците на социјалните мрежи за овој „часовник“.