Брисеви земени од кинеската вселенска станица Тјангонг (Небесна палата) открија траги од бактерија која никогаш досега не била забележана на Земјата. Оваа бактерија покажува особини што ѝ овозможуваат да преживува во стресни услови на животната средина стотици километри над површината на планетата.
Истражувачите од Шенжоу биотехнолошката група и Пекиншкиот институт за системско инженерство на вселенски летала го именуваа откритието по станицата — "Niallia tiangongensis". Тие истакнуваат дека проучувањето на оваа и слични видови би можело да биде „од суштинско значење“ за заштита на здравјето на астронаутите и одржување на функционалноста на вселенските летала за време на долготрајни мисии.
Брисевите се земени од екипажот на мисијата Шенжоу-15 во мај 2023 година, како дел од едно од двете истражувања на Програмата за микробиом на вселенското живеалиште на кинеската станица.
Микробиом различен од оној на "МВС"
Овие студии го следеа растот на микробите кои го населуваат животното окружување во вселенската станица, откривајќи микробиом со состав и функции различни од оние на Меѓународната вселенска станица.
Новата бактерија изгледа дека е блиска до познатата "Niallia circulans" — стапчеста бактерија што живее во земјата, и која до неодамна беше класифицирана како дел од родот "Bacillus", познат по својата патогеност.
Како и нејзините сродници, бактеријата во вселената може да „спакува“ суштински хемиски компоненти во отпорни спори за да преживее екстремни услови. Засега не е јасно дали "Niallia tiangongensis" еволуирала на самата станица или стигнала таму како спора, со некои од своите препознатливи карактеристики.
Способна за разградување на желатин
Според новообјавената анализа на нејзиниот геном и функции, оваа нова бактерија има уникатна способност да разградува желатин како извор на азот и јаглерод — вештина корисна за создавање заштитен биофилм под кој би можела да се скрие кога условите ќе станат поекстремни.
Од друга страна, изгледа дека изгубила способности да користи други извори на енергија кои нејзините „роднини“ ги користат со леснотија.
Ова не само што покажува дека "Niallia" е разновидна група микроорганизми, туку и дека одредени видови бактерии лесно се адаптираат и вкоренуваат во нашите орбитални живеалишта.
Нема совршено стерилни услови
И не можеме многу да сториме околу тоа. Претходни тестирања на „чистите соби“ на НАСА за подготовка на мисијата Феникс на Марс откриле десетици соеви микроби од 26 нови видови.
Научниците утврдиле дека овие бактерии преживуваат благодарение на гени поврзани со поправка на ДНК и отпорност на супстанции кои се токсични за повеќето микроби.
Познавањето на „непријателот“ е клучно за справување со него. Ако не можеме да го спречиме нивното постоење или адаптација, тогаш мораме да можеме да предвидиме како микробите ќе се прилагодат на живот во вселената.
Потенцијален ризик за здравјето?
Сè уште не е потврдено дали "Niallia tiangongensis" претставува закана по здравјето на астронаутите на Тјангонг. Но, со оглед на тоа што нејзиниот „роднина“ може да предизвика сепса кај имунокомпромитирани пациенти, како и нејзината способност за разградување желатин, потенцијалните здравствени ризици од вакви вселенски микроби се сериозен предизвик.
Со оглед на фокусот на човештвото кон мисиите на Месечината и понатаму, никогаш не било поважно да знаеме кои микроорганизми го делат просторот со нас — далеку од дома.
Истражувањето е објавено во Меѓународниот журнал за систематска и еволуциона микробиологија.