Навивачите на Барселона се уште се под импресии од најновата „Ел Класико“ победа која ја оствари нивниот омилен тим против Реал Мадрид, триумф кој всушност беше четврти за каталонците во исто толку пресметки со лутиот ривал.
Ханси Флик излезе како победник во сите четири пресметки со Карло Анчелоти и успеа да направи нешто што му има успеано само на Пеп Гвардиола, па иако поминаа неколку дена од натпреварот кој се одигра во неделата, дури и самиот Германец е воодушевен од еден факт кој стана и вирален на социјалните мрежи.
Имено, по голот на Ламин Јамал за 2:2, Реал Мадрид немал ниту еден допир со топката во противничката половина цели 24 минути, период во кој Барселона имаше апсолутна офанзива и во кој постигна уште два погодоци.
– Многу сум среќен за навивачите и за клубот поради начинот на кој ги одигравме четирите натпревари против Реал Мадрид. Среќен сум како се вративме на последниот меч, беше сензационално да се гледа тоа.
– Кога ќе видите дека Реал Мадрид не ја допрел топката во нашата половина цели 24 минути, тоа ви кажува нешто за нашиот пресинг, за нашата структура на игра. Начинот на кој ги притискавме кога ја имаа топката беше неверојатен. Таа статистика е фантастична, треба да бидеме горди на тоа, – изјави Флик.