Иван Перишиќ се врати од тешка повреда на коленото и игра врвен фудбал на 36-годишна возраст, а во ситуација кога е еден од најдобрите играчи на ПСВ, Хрватот реши да одбележи и еден неверојатен пресврт на великанот од Ајндховен.
Ајакс влезе во завршните пет коло во Ередивизијата со девет бодови предност и сите го гледаа како сигурен шампион, но текот на настаните донесоа неверојатен расплет, по кој ПСВ изненадувачки стана главен фаворит за трофејот.
„Копјаниците“ киксираа на минатите четири натпревари и испуштија вкупно десет бодови, а примениот гол во 99-та минута на гостувањето кај Гронинген сега може да ги чини и титула.
ПСВ со шест победи во низа дојде до голем пресврт и сега има еден бод повеќе на табелата, па во ситуација кога зависи сам од себе, Перишиќ реши да цитира едно незаборавно обраќање на Коби Брајант кој исто како него, излезе како победник од една тешка повреда на залезот од кариерата.
– После секоја фрустрација доаѓа нова перспектива. Постојат многу поголеми проблеми и предизвици на свето од кинење на ахилова тетива. Престани да се жалиш сам себе и почни да работиш со верба и со иста желба како претходно. Еден ден ќе почне стартот на нова кариера, но денеска не е тој ден.
– Ако ме видите во борба со мечка, молете се за мечката. Отсекогаш сум ја сакал таа поговорка, тоа е „Мамба“ менталитет. Никогаш не се откажуваме, не се повлекуваме и не бегаме. Под такви услови издржуваме и освојуваме, – гласи пораката која ја испрати Брајант, а која сега реши да ја цитира Перишиќ по вчерашниот кикс на Ајакс и победата на ПСВ.
Во завршното коло кое се игра претстојниот викенд, ПСВ игра на гости против Спарта Ротердам, додека Ајакс на домашен терен игра против Твенте.