Петнаесетгодишната Јана Тасева од Виница блесна на престижниот меѓународен фестивал Angel Voice што се одржа во Белград, освојувајќи дури две награди! Со својот извонреден вокал и впечатлива изведба, Јана го освои првото место во категоријата Теен1 со неверојатни 98 поени. Дополнително, со својата интерпретација, Јана ја освои и главната Гранд При награда на фестивалот, Grand Prix Teen 2025.
Настапувајќи со „Никогаш не вели никогаш“ од Антониа Гиговска како и „Ако згрешам нека изгорам“, Јана ја покажа својата музичка зрелост и харизма на сцена, на фестивал кој годинава собра над 430 млади уметници од целиот свет. Нејзиниот глас, сигурност на сцената и искрената интерпретација беа препознаени од меѓународното жири составено од врвни музички експерти.
Таа е ученичка во 9то одделение во ОУ Славчо Стојменски од Виница, и од своја 5 годишна возраст свири на акустична и бас гитара, свири клавир, пее како и црта во слободно време. Јана е веќе гордост на градот Виница, а заедно со својот учител и ментор Гоце Данилов одлично ја претставија Македонија и македонската музика на пошироката сцена. Претставувањето и изборот на песните покажа дека традицијата треба и може да се негува и чува.
„Овој фестивал беше неверојатна чест и искуство за мене. Среќна сум и благодарна за постигнатото, и за можноста да настапам со толку талентирани млади уметници. Навистина сум благодарна за поддршката што ја добив од моето семејство, наставниците и моите пријатели“, изјави Јана по прогласувањето.
Честитки за Јана Тасева – нејзиниот успех е инспирација за сите млади таленти кои ги следат своите соништа!