Официјалната причина за смртта на американскиот актер и добитник на Оскар, Џин Хекман, според наодите на Канцеларијата за судска медицина во Њу Мексико, е затнување на крвните садови на срцето и тешки хронични хипертензивни промени на бубрезите.
За време на обдукцијата биле забележани и невродегенеративни карактеристики на Алцхајмерова болест, пренесува „Фокс њуз“.
„Обдукцијата покажа тешка атеросклеротична и хипертензивна кардиоваскуларна болест, со поставени стентови во коронарните артерии и бајпас графт, како и претходна замена на аорталниот залисток“, се наведува во извештајот од обдукцијата.
Се додава дека биле забележани стари, многу големи лузни од инфаркт на миокардот на ѕидот на левата срцева комора и микроскопски наоди на напреден стадиум на Алцхајмерова болест.
Обдукцијата со сигурност утврдила дека Џин Хекман бил негативен на хантавирус.
„Тестирањето на јаглерод моноксид покажа заситеност помала од 5 проценти, што е во рамките на нормалните вредности“, се наведува во извештајот.
Токсиколошкиот извештај открил траги од ацетон во организмот на Хекман во моментот на смртта, што настанал како резултат на кетоацидоза предизвикана од дијабетес и глад, но и како хемиска реакција на организмот по терапија со изопропанол.
Хекман бил пронајден мртов во својот дом во Санта Фе заедно со сопругата Бетси Аракава и еден од нивните три кучиња на 26 февруари.
Американските власти на 7 март соопштија дека Хекман најверојатно починал на 18 февруари од срцеви заболувања и дека „покажувал сериозни знаци на Алцхајмерова болест цела недела по смртта на неговата сопруга од хантавирус во нивниот дом“.