Ѕвезда на Реал погодена од поразот: Ова ќе ни се случи уште многу пати…

Дерби

28/04/2025

11:27

406

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид пропушти голема шанса да го освои првиот трофеј во актуелната натпреварувачка сезона, а поразот од Барселона во „Ел Класико“ финалето дефинитивно е најлошо можно сценарио за губење титула кога се во прашање играчите на „кралскиот клуб“.

Дел од играчите на Карло Анчелоти доста тешко го поднесоа третиот пораз од каталонскиот великан оваа сезона, но Феде Валверде е сигурен дека истиот нема да биде и последен во догледна иднина.

Неуморниот играч за врска се јави со исклучително искрено обраќање на социјалните мрежи, порачувајќи дека овој пораз нема да биде последен за Реал, но дека тимот е подготвен да одговори позитивно и да се врати посилен од било кога.

– Повторно ни се случи и сигурно ќе ни се случи уште многу пати….. Тоа е патот кој го конструиравме и нормално е да паднеш после толку изодени километри. Тажен сум, имам немир во себе и се чувствувам немоќно, чувствувам дека ги изневерив фановите.

– Ова е тешка година за нас, физички и ментално многу исрпувачка, но еднаш веќе кажав: Ќе трчам за овој клуб се додека ме држат нозете, овој клуб не заслужува помалку од тоа. Ќе се вратиме, ќе продолжиме напред и ќе бидам тука за да дадам се што имам за Реал Мадрид, ќе се борам за респектот на клубот кој е најголем победник во историјата, – порача Валверде.