Интер влезе во непосакуван ритам во најлош можен период, а третиот пораз во седум дена навистина ќе влијае негативно на психолошки план пред тоа што следи.
Поразот од Болоња пред една седмица изгледаше само како инцидент од кој играчите на Инѕаги брзо ќе се опорават, но наместо тоа, следеше елиминација од Милан во Купот, а денеска и нов пораз од Рома во Серија А.
Интер веќе не зависи сам од себе во битката за титулата во домашното првенство и ќе мора да чека кикс на Наполи, но истовремено, во доста лоша форма го пречекува двомечот со разиграната Барселона во полуфиналето во Лигата на шампиони.
Симоне Инѕаги сигурно не очекуваше ваков развој на настаните на крајот на месец април, меѓутоа тој извлече и една позитивна сцена од целото лошо попладне на „Џузепе Меаца“.
– Пораз на домашен терен е навистина тежок удар за нас, но тоа што го видов на крајот на мечот ме развесели. Навивачите ги бодреа играчите и се обидоа да ги охрабрат за тоа што следи. Нивната поддршка и нивната реакција навистина многу ми значи. Моите играчи дадоа се што имаа, немаа многу енергија, но оставија срце и душа на терен, – изјави Инѕаги по поразот од Рома со резултат 0:1.
– Обично не сме навикнати на три порази во низа, но тоа е фудбалот. Ова е тешка недела за нас, но вчера ја гледавме Барселона и знаеме што не чека во Лигата на шампиони. Знаеме колку се силни, но влегуваме во двомечот со респект, но без страв, – изјави Инѕаги.